Токму на денот воочи десетгодишнината од смртта на Мајкл Џексон, неговата поранешна девојка повторно зборува за медиумите. Станува збор за 48-годишната Шана Мангатал, која тврди дека во раните деведесетти години, работејќи за менаџерската компанија на Мајкл Џексон, имала љубовен однос со пејачот.
Шана тврди дека по неколку месеци познанство, си размениле страстни бакнежи, а Џексон наводно ѝ го скршил срцето во 1994 година, кога се венчал со Лиса Мари Присли, ќерката на легендарниот пејач Елвис Присли.
Шана денес тврди дека со Џексон била во одлични односи сè до неговата трагична смрт и, кака и многуте наводно негови блиски луѓе, тагува затоа што не можела да му помогне кога му било најпотребно.
– Тоа беше голем шок затоа што таа недела требаше да се видиме на пробите. Тогаш таа цела недела се подготвував да го видам и се обидував да смислам што ќе му кажам затоа што неколку од неговите блиски луѓе нонстоп ми се јавуваа, велејќи ми дека е во неволја и дека му треба помош – рекла Шана за „Сан“.
– Една од нив беше неговата дадилка. Ми се јави плачејќи и ме молеше да одам на пробите и да му пружам помош околу неговите деца. Можев да одам кој било ден во текот на таа недела, но одлучив да одам во петок, затоа што можев многу добро да размислам што ќе облечам и што ќе му кажам – изјавила поранешната пријателка на Џексон и додала дека кралот на поп-музиката починал еден ден пред да се сретнат.
FOTO: Instagram/Printskrin