Пораките од еден пријател

Од сите нас зависи дали ќе останеме закопани во теснопартиските ровови или, пак, конечно ќе ја подигнеме главата сфаќајќи дека во демократија секој од нас одлучува која перспектива ќе ја избере.

2508

Вистинскиот пријател секогаш ни ја кажува вистината директно во лице, но во наше отсуство, тој е нашиот најголем сојузник и бранител – оваа поговорка од седумдесеттите години на минатиот век прва ми дојде напамет гледајќи го интервјуто на амбасадорката на САД во нашата земја, Кејт Мари Брнз дадено минатата недела на телевизија Сител.

Од интервјуто до денес, речиси не поминува ни ден без да се фатат во костец најголемите две политички партии нагаѓајќи и користејќи делови од интервјуто за да се пофалат дека се во право, односно да го дискредитираат политичкиот противник.

Но, еве како јас ги доживеав пораките или како мислам дека треба да се земат во предвид од страна на зрели политички субјекти кои за неколку месеци ќе конкурираат за главни носители на власта во нашата земја.

Испратени искрени, директни пораки кои го потврдуваат стратешкото пријателство меѓу нашите две земји и поддршката која САД постојано ни ја дава и на меѓународен план веќе се рефлектира преку нашето членство во НАТО, но и поддршка за реформи со цел брзо да го започнеме претпристапниот дијалог со Европската Унија. Јасно подвлеченото дека Преспанскиот договор беше компромис, остварен преку тешки преговори и отстапки од двете страни кој го откочи нашиот пат кон НАТО и ЕУ.

Посочена потребата од реформи во сите сфери кои од нас ги бара ЕУ, но првенствено како интерес за секој наш граѓанин и иднината на целата земја. Одговорноста на лидерите да работат на одлучна борба против корупцијата, на донесување закон за јавното обвинителство и воспоставување целосен систем за добро управување, но истовремено и на економски реформи кои ќе привлечат инвеститори, ќе направат позитивна бизнис клима што ќе доведе до подобар живот, плати и перспектива за секој од нас.

Можевме да слушнеме многу пораки за потребата од обединување на партиите и политичарите, но и граѓаните околу стратешките реформи и економската перспектива, како и неопходноста политичките лидери и кандидати на претстојните избори да се фокусираат на предизвиците и проблемите на граѓаните, а не на лични напади со што ќе дадат простор за добра дебата и дискусија. На овој начин да се оневозможат надворешни или внатрешни влијанија кои сакаат да ги попречат демократските процеси или на кој било начин да влијаат на претстојните избори. Со други зборови, политичките кандидати да водат сеопфатна дебата на теми кои ги засегаат граѓаните.

Звучи убаво кога ќе се слушне од нашите сојузници дека сите ние имаме многу причини денес да бидеме горди на тоа каде се наоѓаме на светската мапа, дека нашето сојузништво е дополнително зацврстено со членството во НАТО. Но, истовремено важна е испратената порака да се потсетиме дека имаме и многу предизвици на кои дома треба да работиме и да ги менуваме. Пред сè, заради секој од нас. Особено важна порака околу младите и влогот кој партиите, но првенствено институциите треба да го дадат за тие да бидат вклучени, слушнати и да одлучуваат со надеж дека ќе ги мотивираме и убедиме да останат тука со цел заеднички да ја развиваме земјата.

Ако ги прифатиме пораките буквално на начинот на кој беа кажани, просторот за толкувањата од партиските кујни ќе се сведе на минимум. Крајно е време политичките елити правилно да ги слушаат и повеќе да ги читаат комуникациските пораки, отколку да ги толкуваат и зачинуваат во своја полза.

Бидејќи вистинските пријатели секогаш зборуваат отворено и директно со цел да ни помогнат. Тие не заземаат страна во политиката. И токму тоа го направи амбасадорката Кејт Мари Брнз. Нејзините совети доаѓаат во вистинско време. Од сите нас зависи дали ќе останеме закопани во теснопартиските ровови или, пак, конечно ќе ја подигнеме главата сфаќајќи дека во демократија секој од нас одлучува која перспектива ќе ја избере. Имаме многу можности, но и одговорност да избираме. И тоа треба да го правиме секој ден, а не само за време на избори.

(Авторот е специјалист за односи со јавност и нови медиуми)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...