Порака на г.г. Стефан за Божик: Да го чуваме тоа што е наш идентитет – и духовен и национален

Со рождеството на Синот Божји се објави тајната на спасението и благата вест за вечниот живот. Оттаму денот на Христовото рождество е празник на небесната радост, која и денес ни порачува да празнуваме со таа радост – што трае.

299

Православните верници утре (7 јануари) ќе го прослават Божик, раѓањето на Синот Божји, Исус Христос. По тој повод архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници упатија божиќна порака.

„Возљубени празникољупци, Христовото рождество е празник на радоста, кога ја доживуваме вистината и убавината на нашата вера. Божик е денот на добрата волја, кога Милостивиот Бог се понизил заради нашето спасение, денот кога Бог Миротворецот му подари мир и помирување на човекот и на светот.

Божик е денот кога Создателот стана Богочовек, се роди како човек, за да го спаси човекот. Ете, тој спасоносен настан и денес нѐ повикува со мислите да се пренесеме во онаа неповторлива ноќ во Витлеем и да се потсетиме на даровите од тој неповторлив миг за човечкиот род, за да ја разбереме богооткриената спасоносна вистина.

Со рождеството на Синот Божји се објави тајната на спасението и благата вест за вечниот живот. Оттаму денот на Христовото рождество е празник на небесната радост, која и денес ни порачува да празнуваме со таа радост – што трае.

Возљубени, најмногу од сѐ треба да сме Му благодарни на Бога што сме Негови и што со Неговото име се именуваме. Годинава ќе одбележиме голем јубилеј – 1.000 години од постоењето на Бигорскиот манастир. Имаме светилишта ненадминати во уметноста и архитектурата, по кои светот нѐ препознава и се дел од нашата духовна и културна генеза. Па, да го чуваме тоа што е наш идентитет – и духовен и национален, да го чуваме и зачуваме! Да настојуваме со божикните пораки постојано да бидеме духовно освежени и морално оснажени. Со добри дела да се оддалечуваме од злото, за да може во нас и во нашите домови да владее мирот. Да се трудиме во секого од нас да се разбуди љубовта кон Бога, љубовта кон светата црква и татковината, љубовта кон сѐ што е свето и богоугодно. Со својот живот да придонесуваме Богомладенецот постoјано да се раѓа во нашите срца и да биде во нас и со нас! Христос се роди! Честито и од Бога благословено новото лето Господово!“, се вели во пораката на г.г. Стефан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...