Порака во Вибер група на 27 април: Зоки требаше до сега на едно друго место да биде

1321
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Во Кривичниот суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот 27 април со читање на СМС и Вибер пораки од вештачењето на телефонот на избрканиот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски кој се товари дека на крвавиот четврток ги отворил вратите на Собранието.

На минатото рочиште се читаше комуникацијата на поранешниот собраниски спикер Трајко Вељановски.

Помеѓу пораките кои се читаат денеска се и такви од допишувања на 27 април во група на Вибер во која биле 40-тина лица. Во групата, според она како биле меморирани броевите во мобилниот на Мукоски, помеѓу членовите имало актуелни пратеници, поранешни функционери, партиски членови.

Оваа комуникација во група на 27 април започнува нешто пред 18 часот (според временска зона УТЦ+2; ние сме во УТЦ+1 што значи дека всушност пораката е нешто пред 17 часот според нашата временска зона) кога извесен Цветан Трипуновски прашува ,,што се дешава во собраниска сала?”.

Од бројот запишан како Јохан одговараат: ,,Се брани Македонија… Удрија душмани… Нема назад”.

Потоа во групата следува и порака од Васил Пишев кој пишува: ,,Браќа и сестри нема пуштање, ако треба ќе гинеме за Македонија”.

По влезот во Собранието извесен Александар Атанасов во 19.28 часот пишува во групата: ,,Горе ги тепаат нашиве… На комуњариве”.

По него следува порака од Миле Јанакиески со содржина: ,,Повеќе и повеќе народ”.

Во 20.12 часот извесен Сашо Лазаровски во оваа група пишува: ,,Села може да е веќе аут”.

Следната порака е од Саше Стефановски кој дава информација дека има ,,50 возила и автобус Битола”.

По што Миле Јанакиески пишува: ,,Да го завземеме просторот”.

На крај од оваа комуникација во групата е порака во 20.36 часот која е испратена од број кој во телефонот на Мукоски е запишан со шифра ,,Qf95VM1JvFQ”. Содржината на оваа порака е ,,Зоки требаше до сега на едно друго место да биде…. ама и за тоа друг пат”. Ова е последна порака во групата и нема нови од кои би можело да се добие појасна слика на што точно се мисли и на кој Зоки.

Во оваа група инаку биле и контакти кои во мобилниот на Мукоски се запишани како Бети Кузмановска, Емил Димитриев, Драган Данев, Даниела УЖ, Нело УМС, Лилјана Кузмановска, но од овие броеви немало испратени пораки.

Обвинителката читаше комуникација и од друга група во која на 27 април пораки пишувал само еден од контактите во мобилниот на Мукоски која тој го меморирал како ,,Колешка Чаир”. Таа пишува да се отворат вратите, да и ја остават Шекеринска на неа, како и да се пушти клима зошто изгинале луѓето. Колешка Чаир пишува и радосни пораки откако се отворија вратите, како на примее: ,,Влеговмеее”.

Појаснување: Времето на испраќање на пораките кое е споменато погоре, обвинителството ги презентираше според временска зона УТЦ+2. Тоа значи дека реалниот час кога се испраќани пораките според нашата временска зона (УТЦ+1) е еден час претходно од наведеното во текстот.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...