Кумановската полиција откри случај со фалсификувана диплома за „економист“ на вработен во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) од Меѓународниот Славјански Институт „Гаврило Роанович Державин“ во Свети Николе.
Според доказите кои ги прибрала полицијата, М.Б. од Куманово во септември 2009-та потпишал договор за студирање на Факултетот за економија и организација на претприемништво при споменатиот универзитет. Во 2010 година, тој заминал на привремена работа во Авгранистан. Паралелно, во периодот откако станал „студент“ до декември 2012-та, од задолжителни 33 предмети во четири студиски години тој нерегуларно положил дури 24 предмети од кои на 19 испити не присуствувал бидејќи и воопшто не бил во Македонија. Другите пет, пак, ги „положил“ пред да се запишен на факултет односно кога сѐ уште немало учебен план и програма, а еден испит „полагал“ два дена пред да се запише.
За останатите осум предмети присуствувал на полагањето.
Директорот и ректорот злоупотребувајќи ја положбата ги потпишале пријавите за 24-те испити иако тие биле неточни, исто како и дипломата која ја зел во мај 2013 година.
„М.Б. ваквата диплома ја употребил како вистинска и на 24.12.2014 година, без претходно објавен јавен оглас бил вработен во МВР на РМ со Договор за вработување на неопределено време на работно место – приправник во Управата за безбедност и контраразузнавање при МВР на РМ, а од 01.10.2015 година со Одлука на Комисијата за распоредување и унапредување на работни места во Управата за безбедност и контраразузнавање со Решение е унапреден на работно место“ соопштија од МВР.
Против М.Б. е поднесена кривична пријава за употреба на исправа со невистинита содржина, а ректорот и директорот на Меѓународниот Славјански Институт „Гаврило Романович Державин“ Свети Николе добија кривични за злоупотреба на службената положба и овластувања, како и за фалсификување исправа.
Кривична пријава доби и советничка вработена во Државниот просветен инспекторат која при инспекција во септември 2017 година составила лажен записник во кој констатирала дека четири испитни пријави се спорни од кои три по однос на недоволно пишани бонус бодови за положен испит, една испитна пријава дека е непотпишана, а не ги земала во предвид пријавите за предвремено положени пет испити впишани во студентското досие за период додека М.Б не бил запишан на образовната установа.