„Шиндлеровата листа“ на Стивен Спилберг зборува за едно од најсуровите злосторства во историјата и претставува еден од најпотресните филмови во историјата на кинематографијата.
Филмот е работен во црно-бела техника, а единствената боја потекнува од црвениот капут на девојчето кое оди по улиците преплавени со крвта на Евреите.
Таа со подигната глава и пркосен став ја дели нивната судбина, барајќи засолниште и пробивајќи се низ мракот на нацистичкото „чистење“ на Краков. Таа сцена остана запаметена како една од највпечатливите сцени, но можете ли да замислите како истата изгледала од аголот на тогаш тригодишната Оливија Дабровска, која го толкувала мистериозното девојче?
Полјачката Оливија Дабровска денес има 30 години и открила дека улогата на девојчето во црвен капут од 1993 година ѝ донела многу непосакувано внимание и со години ја трауматизирала. Иако му ветила на Спилберг дека нема да го гледа филмот додека не наполни 18 години, таа на 11-годишна возраст го прекршила ветувањето.
Дабровска вели дека била ужасната. Една од сцените кои најтешко ги поднела била онаа во која офицер на трупите на Советскиот Сојуз од својот прозорец наизменично пука кон жените и децата.
– Сето тоа ми беше ужасно. Не разбирав многу, но знаев дека не сакам никогаш повеќе да го гледам тој филм – рекла Оливија која решила да заборави на својата улога во „Шиндлеровата листа“ и се надевала дека никој нема да ја препознае.
– Се срамев што бев дел од филмот и бев многу лута на моите родители кога зборуваа пред други луѓе за мојата улога. Долго време го криев тоа, а во средно училиште соучениците открија дека јас сум девојчето во црвениот капут. Ми зборуваа: „За тебе тоа сигурно е многу важно, ти знаеш сè за Холокаустот“. Тоа навистина ме фрустрираше – раскажала Дабровска во интервју за „Тајм“.
Оливија повторно го погледнала филмот кога имала 18 години и го променила мислењето за него.
– Спилберг, сепак, беше во право. Морав да пораснам за да го сфатам – заклучила таа. Дабровска подоцна се појавила во уште неколку филмови, но одлучила да запише библиотекарство и да ужива во животот надвор од рефлекторите и камерите.
FOTO: Piotor Malecki