Поради троми тендери, нема учебници по сите предмети

Од МОН посочуваат дека единствена причина за доцнењето се постапките кои се спроведуваат согласно Законот за јавни набавки каде се дефинирани конкретни рокови за секој чекор и оти доцнењето нема поврзаност со ревидирањето на учебници поради договорите со Грција и со Бугарија.

267

Без учебници по неколку предмети за различни одделенија и години, основците и средношколците ја стартуваа учебната година, а според плановите и роковите во Министерството за образование и наука (МОН), комплетирање на сите учебници треба да има во октомври.

Географија, историја, информатика, техничко и музичко образование се меѓу предметите за кои недостасуваат учебници. За некои одделенија ги има, а за други ги нема и ова прераснува во пракса секоја година, реагираат родителите.

Според објаснувањето од надлежните, има две групи учебници: едните се оние за кои авторските права ги имаат издавачките куќи, а другите се тие кои се во сопственост на МОН. За првата група, дистрибуцијата треба да заврши до утре.

– Дел од учебниците, оние кои се набавуваат преку откуп од страна на издавачките куќи кои ги поседуваат авторските права се веќе набавени и рокот за дистрибуција беше 16-ти септември за средните училишта, односно до 20-ти основните – велат од МОН.

Меѓутоа, учебниците чии авторски права се во посед на МОН, во рацете на учениците ќе завршат можеби и два месеца по стартот на учебната година.

– За дел од учебниците, односно оние за кои авторските права ги поседува МОН во тек е постапка за избор на компанија која ќе ги испечати количините согласно барањата на училиштата, по што истите ќе се дистрибуираат, а тоа очекуваме да се реализира во текот на следниот месец – велат од ресорното министерство.

Оттаму посочуваат и оти единствена причина за доцнењето се постапките кои се спроведуваат согласно Законот за јавни набавки каде се дефинирани конкретни рокови за секој чекор и оти доцнењето нема поврзаност со ревидирањето на учебници поради договорите со Грција и со Бугарија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...