Снежна бура ги затвори училиштата од Западна Вирџинија до Нова Англија во САД.
Во некои делови на Западна Вирџинија се очекуваат од пет до 30 сантиметри снег, а во пет окрузи од утрово се затворени училиштата.
Во Њу Хемпшир се затворени стотина училишта по ударот на првиот бран снежна бура, која донесе 15 сантиметри снег. Нови снежни врнежи се очекуваат и вечерва.
Гувернерот на Њу Хемпшир изјави дека тоа ќе биде „долга, тешка снежна бура“.
Во североисточниот дел од земјата до утре изутрина се очекуваат од 25 до 50 сантиметри снег.
Поради снежното невреме повеќе од 280 летови од и кон САД се откажани, а 1.200 се одложени. Повеќето од откажаните летови се на аеродромите во областите на Њујорк и Бостон.
Властите наведуваат дека три лица загинале во саботата во Мисури, а едно во Луизијана како последица од невремето.