Пратеникот Никола Попоски, кој учествуваше на на состанокот зад затворени врати на Комисијата за следење на обврските на земјите членки на ПССЕ, која расправаше за извештајот за Македонија, смета дека за нашата земја е во интерес да излеземе од фазата на пост-мониторингот.
– Како земја имаме интерес што е можно побрзо да излеземе од пост-мониторинг фазата, бидејќи на некој начин тоа значи и приближување кон членство во ЕУ. Едното со другото е поврзано. Но таа одлука ќе биде политичка и ќе зависи од оценките кои ќе бидат донесени и за некои земји членки. Така, тешко е да очекуваме дека ние би излегле од фаза на пост-мониторинг, во услови кога некои од земјите членки ги исполнуваат помалку определени услови поставени од Советот на Европа во поглед на стандардите и демократските и човековите права – вели Попоски, кој е пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до содржината на самиот извештај и расправата, како што самиот тој нагласи опозицијата се однесува конструктивно, што е забележано и од известувачите.
– Една од главните констатации, која можеше да се констатира во текот на дискусијата е дека некои од забелешките од минатото се провлекуваат и дека се повторуваат, но дека имаме заедничко разбирање за тоа дека било кое решение не оди преку моменталниот пат на печатење закони, кое константно се повторува. Туку очекувањата од Советот на Европа, како и од Европската комисија е дека треба да се почне да се менува таа матрица, со целосна посветеност на примената. Примената е таа која ќе ја направи разликата и која ќе ја почувствуваат граѓаните. Во спротивно, било кој извештај и било кој закони кои на брза врата се протнуваат во Собранието нема да ја направат разликата – вели тој.
За да се подигне пост-мониторинг дијалогот на една земја е потребно за тоа да биде донесена одлука од страна на ПССЕ на пленарна сесија. Од Советот на Европа се истакнува дека пост-мониторингот не е со цел да се казнат земјите, туку да им се помогне да согледаат каде можат да се подобрат, посебно во областите кои се во директна надлежност на паневропската организација – човековите права, демократијата и правната држава.
ФОТО: EPA/CHRISTIAN BRUNA