Поранешниот в.д. директор на Централниот регистар, Андреја Поповски, кој беше приведен вчера е осомничен за делото злоупотреба на службената положба и овластувања, а со истрагата се опфатени уште четири лица вработени во оваа институција кои се товарат за помагање, потврдија утрово од Основното јавно обвинителство Скопје.
За Поповски обвинителката ќе бара притвор, а за другите четворица мерки на претпазливост.
Од крајот на 2014 па се до крајот на мај 2017, додека бил в.д. директор, според доказите на ОЈО Скопје, Поповски усно наредил една вработена да биде заведувана дека редовно доаѓа на работа во евиденцијата која ја води Одделението за човечки ресурси. Наместо на работа во Центалниот регистар, таа била ангажирана за партиски активности на една политичка партијата. Од ОЈО Скопје не наведуваат за која партија станува збор, но не е тешко да се претпостави ако се знае дека Поповски беше на функција во времето на ВМРО-ДПМНЕ.
– Спротивно на законските акти и правилниците на Централниот регистар, листата за присуство на работа била доставувана до Одделението за финансиско-сметководствени работи и врз основа на тоа на вработената неосновано и била исплаќана плата и придонеси на плата, со што била нанесена значителна штета на буџетот на институцијата – велат од ОЈО Скопје.
Другите четворица осомничени за помагање се исто така вработени во Централниот регистар, тројца во Одделението за човечки ресурси, а еден бил одговорен за работењето на Регионалната канцеларија во Скопје.