Комуникациите се основа на управувањето и поради тоа тие треба да бидат модерни и демократски, а демократска Влада значи и отворена и услужна Влада, заеднички констатирале министерот задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски со министерката за устав на Велика Британија, Клое Смит на работниот состанок во Лондон.
Министерот Поповски го презентираше концептот Отворена влада којшто го спроведуваат институциите во Република Македонија, а се темели на демократизација на медиумскиот амбиент, на активна транспарентност и на зголемена пристапност.
Министерката Смит искажа поддршка за напорите за обезбедување стандарди за отчетност кои Владата ги презема во Република Македонија и посочи дека транспарентноста подразбира политичка храброст и фокусираност кон реформи.
На средбата се разговараше и за медиумските реформи во Македонија, а министерот Поповски истакна дека слободата за медумско известување е императив за владата, дека не смее да се повтори атмосферата на притисок врз новинарите и дека на агендата се и реформите на јавниот радиодифузен сервис кој треба да ги отсликува и промовира демократските вредности и различностите во општеството.
Министрите Поповски и Смит разговараа и за можностите за интензивирање на соработката меѓу Сервисот за комуникации при Владата на Република Македонија и Комуникацискиот сервис на Владата на Република Македонија во делот на односите со јавноста, отворената комуникација со граѓаните, транспарентноста и услугите кои институциите ги обезбедуваат за граѓаните.
Состанокот е во рамки на тековната програма за поддршка на владините комуникации со јавноста обезбедена од Владата на Велика Британија за граѓаните на Република Македонија.