ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека Јавното претпријатие за јавни паркиралишта „Паркинзи“ на Општина Центар дека не платило комунална такса на сметка на Буџетот на општината за 2017 година, која изнесувала 6,3 милиони денари или околу 100.000 евра.
– Оваа неправилност ја забележува и Државниот завод за ревизија кој вели дека ова не е во согласност со одредбите од членот 20 од Законот за комуналните такси и тарифникот број 8 од Тарифата за комунални такси – изјави денеска Зоран Поповски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Саша Богдановиќ со оваа негова постапка ги има оштетено жителите на Центар и треба да понесе одговорност. ПОЦ нема платено комунална такса наназад 5 години и на тој начин Општина Центар е покуса за околу 500.000 евра. Уште потрагично да биде е што за оваа ситуација знаел сегашниот градоначалник Саша Богдановиќ, но и неговиот претходник Андреј Жерновски – вели Поповски.
Според него, ако се уплати годишната такса кон општината ќе се види дека ПОЦ работи со загуба.
Поповски го повика Јавното обвинителство и другите надлежни институции да го испитаат ревизорскиот извештај и да се произнесат.