Владата е подготвена да разговара со претставници на медиумската заедница за предлози базирани на меѓународни искуства.
Ова денеска го истакна министерот без ресор во Владата задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, во своето обраќање на јавната дискусија на тема „Фонд за развој на медиумите“, којашто се одржа во Струмица.
Министерот Поповски ја поздрави иницијативата на Здружението на електронски медиуми „Медиум објектив“ и изрази задоволство да разговара за сите предлози од претставниците на медиумските здруженија, новинарите и медиумите, како и за нивните потреби и очекувања од Владата.
– Целта на овие дискусии е како да се овозможи медиумскиот плурализам да опстане и новинарството да добие развојна компонента – рече Поповски, објаснувајќи дека токму на тој начин била креирана и Програмата за поддршка на печатените медиуми, на иницијатива на ЗНМ и Здружението за заштита на националните печатени медиуми.
Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност истакна дека јазот меѓу новинарите, новинарските здруженија и сопственичките структури мора да се надмине и дека преку вакви јавни дискусии треба да се најде формула како да им се помогне на сите, базирано на меѓународни практики.
– Владата нема намера да врши никакво влијание врз работата на медиумите, особено врз креирањето на содржини во информативните појаси. Намерата на Владата е да се поддржи вистинското и професионално новинарство – истакна Поповски додавајќи дека сè уште нема одлука за тоа дали ќе има поддршка за националните, локалните и регионалните медиуми, туку дека преку дебата треба да се дојде до најдобрите решенија.