Понудената рака од Цариград може да предизвика главоболки за МПЦ-ОА

Црковните аналитичари тврдат дека од новиот формат на преговори и од самата заложба на Вселенската патријаршија за медијација не мора да значи дека ќе произлезат резултати што целосно ќе ги задоволат апетитите на Македонската православна црква (МПЦ-ОА).

5214

Со самото тоа што македонскиот државно-политички врв го посети седиштето на Вселенската патријаршија во Истанбул претставува силен сигнал дека вселенскиот патријарх Вартоломеј очигледно не се откажува од разгледувањето на македонското црковно прашање.

Ова го тврдат црковните експерти и посочуваат дека пораката што овојпат ја испрати патријархот е потполно различна од неговата првична одлука од 2018 година со која заклучи дека единствено Српската православна црква (СПЦ) е надлежна за решавање на проблемот со Македонската православна црква (МПЦ-ОА).

За разлика од тогаш, вселенскиот патријарх вчера истакна дека наскоро ќе покани претставници на СПЦ и на МПЦ-ОА во Цариград и дека на средбата ќе се бара решение на долгогодишниот црковен спор.

Од друга страна, црковните аналитичари тврдат дека од новиот формат на преговори и од самата заложба на Вселенската патријаршија за медијација не мора да значи дека ќе произлезат резултати што целосно ќе ги задоволат апетитите на Македонската црква.

Напротив, тие наведуваат низа нови „главоболки“ со коишто би можела да се соочи МПЦ-ОА доколку излезот од расколот го бара преку Цариград, а не преку Белград.

Андреја Богдановски, докторанд на Универзитетот во Бекингем, Велика Британија, кој истражува на темата „Црковната политика во православната црква“, потенцира на предизвиците со кои МПЦ-ОА би можела да се соочи како резултат на преговорите со СПЦ, а со медијација на Вселенската патријаршија.

Според Богдановски, преговорите и заинтересираноста на Цариград да се вклучи во разрешување на овој конфликт не мора да значи по автоматизам и доделување на автокефалност на МПЦ-ОА. Исто така, тој ја забележува и подготвеноста на МПЦ-OA да се преговара и околу нејзиниот официјален назив.

– Во официјалната комуникација испратена вчера од страна на Вселенската патријаршија забележавме дека во писмото што јавноста не го доби на увид во 2018 година, МПЦ-ОА го користела името „Охридска архиепископија”. Не помалку значајно е и прашањето на државно-политичкиот притисок, односно дали овојпат за разлика од 2002 година, МПЦ-ОА ќе може да избега од стегите на политичките раководства во Македонија. Исклучително важно е прашањето колку самата МПЦ-ОА е подготвена на ваквиот развој на настаните за да ги брани позициите во Цариград. Несомнено, дел од понудените опции кои ќе бидат ставени на маса, првенствено од СПЦ се и оние за широка автономија во рамките на оваа црква и присоединување со Православната охридска архиепископија (ПОА). Невештото маневрирање околу овие прашања на долг рок можат да ѝ ги затворат вратите на Фанар и да ја стават во дополнителна изолација – предупредува Богдановски.

Од друга страна, пак, додава тој, имаме доста нејаснотии околу позицијата на СПЦ во однос на овој развој на настаните.

– Доколку СПЦ се одважи на поканата, а со тоа автоматски ја признае посредничката улога на Вселенската патријаршија, тогаш самата таа ризикува да истрпи низа критики околу ингеренциите на Цариград и неговото мешање во сето она што СПЦ го смета за внатрешна работа на една локална автокефална црква. Другото сценарио е можеби за нијанса поризично за СПЦ, а тоа е да не се одважи на поканата и така да остави простор и алиби за дополнително ангажман на Цариград по однос на македонското црковно прашање. Да не заборавиме дека според Вселенската патријаршија, една од главните причини за доделувањето автокефалија во Украина беше неангажираноста и непокажувањето интерес од страна на Руската православна црква (РПЦ) да го реши проблемот во Киев. Меѓутоа, фактот што на оваа одлука ѝ претходеше посета на висока делегација на Цариград во Белград минатиот октомври, укажува на тоа дека најверојатно СПЦ има дадено поддршка на ваквиот план – објаснува Богдановски за Плусинфо.

Аналитичарот по црковно право, Георги Тасев, пак, вели дека ако евентуално СПЦ ја прифати поканата на патријархот Вартоломеј, тогаш преговорите сигурно ќе се одвиваат трилатерално, односно помеѓу МПЦ-ОА, СПЦ и ПОА.

– Во соопштението на Вселенската патријаршија недвосмислено е наведено дека патријархот Вартоломеј на барање на нашата Влада го примил техничкиот премиер Оливер Спасовски и неговата придружба. По нивната средба во јавноста се проширија различни дезинформации дека Цариград наводно ќе ѝ издаде томос за автокефалност на МПЦ-ОА, но суштинскиот момент се согледува во делот од официјалното соопштение на Фанар, во кој се вели дека вселенскиот патријарх донел одлука да ги покани СПЦ и МПЦ-ОА за да се обидат да пронајдат заеднички прифатливо решение. Имајќи предвид дека ПОА е канонска и автономна црква во сеправославно црковно-правно признатата јурисдикција на СПЦ, тоа значи дека доколку дојде до преговори, односно ако СПЦ се согласи да отиде во Фанар, со оглед на тоа дека Фанар го губи значењето во православието и веќе малку нешта зависат од него, тогаш очигледно разговорите ќе се водат помеѓу ПОА, МПЦ и СПЦ – објасни Тасев.

Спасовски: Очекувам динамичен дијалог

На средбата со вселенскиот патријархот Вартоломеј изразив надеж дека тој ќе продолжи во духот на толеранцијата и разбирањето да поттикнува дијалог со цел да се изнајдат решенија за проблемите кои ги имаат и православниот свет и верниците, изјави техничкиот премиер Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.

– Навистина сме многу задоволни од средбата, охрабрени сме од зборовите дека оваа наша заемна комуникација ќе продолжи и понатаму, и дека ќе почне еден динамичен дијалог во рамките на Вселенската патријаршија, сè со цел да се надминат проблемите кои ги има МПЦ-ОА – рече Спасовски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...