Најавата за писмената понуда од лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, за трипартиска коалиција најмалку е адресирана до БЕСА, бидејќи ние јавно се изјаснивме дека прифаќаме предизборна коалиција на трите партии, вели за Плусинфо висок функционер на БЕСА.
Села по состанокот на Централното претседателство на Алијансата за Албанците изјави дека ќе прати писмена понуда до партиите БЕСА и Алтернатива со која ќе ги повика на предизборна коалиција. Тој им даде рок од 48 часа на лидерите на БЕСА и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши, да одговорат на писмената понуда.
– Ја чекаме понудата да видиме што содржи. Но трипартиска коалиција може да има само ако трите партии седнат заедно и се договорат. Рокот од 48 часа кој го дава Алијансата, алудира дека Села е тој што нешто треба да даде, а ние да прифатиме или да одбиеме, како понудата да е наследство од татко му. Коалиција се гради врз заеднички договор. Ако мисли дека треба да ја прифатиме понудата, прво треба да седнеме трите партии и да се договориме – вели функционерот на БЕСА.
Во настапот на Села БЕСА не гледа искреност и желба за трипартиска коалиција. Од таму велат дека ако Села се повикува на договорот за заеднички настап на локалните избори од 2017 година, тогаш е нејасно како тој договор за соработка треба да важи и сега, бидејќи тогаш коалицирале Алијансата за Албанците и БЕСА, тогаш партијата не била поделена.
– Села и Касами за локалните избори се договорија во името на Алијансата и на БЕСА. Тоа не беше личен договор. Нема коалиција ако едната страна не сака ни да седне на иста маса – коментира функционерот од БЕСА.
Плусинфо веќе објави дека понудата на Алтернатива за трипартиска коалиција ќе биде 50:50, односно доклоку падне договор за заеднички настап на Алијансата ќе ѝ припаднат половина од кандидатите за пратеници, додека Алтернатива и БЕСА ќе учествуваат со по 25 отсто свои кадри на пратеничките листи.
Ова, според високиот функционер на БЕСА е неприфатливо. За БЕСА е нејасно и како се договара заеднички настап на трите партии кога Алтернатива одбива да седне на иста маса со нив. Од партијата на Касами велат дека трипартиска коалиција подразбира договор за заеднички пратенички листи, но и за заедничка кампања која би ја воделе трите партии.
Села вчера по состанокот на Централното претседателство рече дека понудата која ќе им ја испрати на Алтернатива и на БЕСА датира од вториот круг на локалните избори кога пружиле рака и се договориле дека кога и да има нови избори, влегуваат заедно во коалиција со таа политичка партија со која тогаш коалицирале, а која за жал, сега е поделна на две партии.
Од Алтренатива не успеавме да добиеме став за најавата на Села за писмена понуда за трипартиска коалиција.