Да, си помина неодбележан и непразнуван 29 ноември, едиповскиот роденден на македонската република, а со него – во понижувачка тишина на самозаборавот – помина и 75-тиот роденден на втората Југославија, нашата социјалистичка мајка родителка. Да не потсетувам дека два дена подоцна помина и јубилејниот стоти роденден на нашата државотворна баба – првата Југославија, која беше прогласена во се уште жешката повоена пепел, над повеќето од милион свежи гробови, на 1 декември 1918 години во Белград.
Добро, првата Југославија беше во многу нешта проблематична творба, во која македонската еманципација можеше да се сонува само во илегалност, но не може да и се одрече дека таа ги собра јужните словени – што долга половина милениум претходно беа распарчани и маргинализирани во двете огромни царства – во една државна граница и, барем во првата деценија, за прв пат во историјата им донесе повеќепартиска демократија, уставна монархија и либерален капитализам од вилсоновски тип, не полоши во замислата отколку што тоа беа и во другите европски земји. И, иако македонштината беше забранета и прогонувана, а државата се претвори во одвратна корумпирана диктатура, првата Југославија е важна за нас не само затоа што ги дефинираше трите од нашите четири меѓународни граници, туку и затоа што за дваесетте и кусур години – колку што траеше – изврши сериозна европеизација на македонската земја под нејзина власт, стопанска, културна, урбанистичка и инфраструктурна европеизација што остана наша трајна детерминанта до ден-денес.
Пораѓањето на државата
Но, настрана со заслужено несаканата баба: зошто толку упорно молчиме за нашата мајка родителка, како да ни била маќеа за чиишто зла што ни ги сторила е најдобро – за нашето ментално здравје – да се однесуваме како воопшто и да не постоела? А, обратната вистината, која е толку очигледна и неспорна што го исполнува целиот светоглед, е дека не само што втората Југославија – социјалистичката творба на Тито и неговите партизани – ја породи македонската држава, туку и ја задои и порасна во најдобрите општествено политички, културни, социјални, економски и геополитички услови што светот ги искусил во целата своја богата историја!?
Антифашистичкото движење под водство на Тито и комунистичката партија на Југославија беа практично единствениот самосоздаден победник над фашистичката чума во Втората светска војна, и единствената независна земја победничка над фашизмот, покрај Советскиот сојуз, Велика Британија и Соединетите Аамерикански Држави. Целиот свет ни ја признаваше таа победа и ја почитуваше Југославија како еманципаторски светилник што ги инспирираше сите ослободителни и напредни револуции, движења и независни политики за целото време од нејзиното постоење. Социјалистичка Југославија најверодостојно им ги испорача на своите народи и граѓани сите три темелни вредности во кои – од француската револуција до ден денес – се колнат сите демократии на планетава: слободата, еднаквоста и братството!
Понатаму, социјалистичка Југославија им обезбеди на своите граѓани безмалку четири децении на напредок, развој, изградба на стопанството, инфраструктурата, образованието и културата, во услови на дотогаш буквално невидена социјална правда, динамика, слобода на движењето и индивидуална „потрага по среќата“. Југословенските експерименти со самоуправувањето, општествената сопственост на средствата за производство, децентрализацијата и дистрибуцијата на уживањето во придобивките од општите добра, сè до денешен ден најсериозните и најуспешните примери на социјалистичка граѓанска и работничка демократија што човештвото ги постигнало кога и да е.
Југословенскиот социјализам во кој се роди и израсна македонскиот културен и државен проект, беше просветителски и модернистички во вистинската смисла на зборот, што овозможи незабележан процут на сите области на културата, науката и уметностите. Ако ги споредиме делата и дострелите во југословенската културна продукција со кој било период од историјата – да, и со трите децении на нашата независност – ќе видиме дека тоа било вистинското „златно доба“ и на македонската култура и на културата на сите држави и народи што произлегоа од распадот на југословенската држава. Не постои подобра дефиниција на социјалистичката Југославија отколку дека тоа беше единствената „реализирана утопија“ што светот ја породи.
Молк за потеклото
Не е потребна некоја сложена и длабока анализа на историските факти за да утврдиме дека Македонија никогаш не била помакедонска, а Македонците никогаш не биле посреќни, побезбедни, поздрави, пообразовани, поеднакви меѓусебе, погорди граѓани на светот, масовно со поголем стандард, попочитувани и посакани, отколку што тоа беа во Титова Југославија. Ние бевме и најголеми добитници од таа неверојатна космичка случајност: македонската држава е југословенска доцна рожба, галено сугаре што – за жал – кога се осамостои во своите зрели години почна да манифестира сериозна и понижувачка криза на идентитетот, но и тешка конфузија на основните морални вредности, криејќи го потеклото, молчејќи за вистинските родители, и не славејќи ги вредностите што не создадоа: антифашизмот, слободата, еднаквоста, братството, секуларноста, просветителството и модернизмот.
И, наместо да ги негуваме вредностите што ги испивме со мајчиното млеко, ние допуштивме во Македонија да се случи нивната тотална негација: со земјата цела деценија да владее една профашистичка, реакционерна, партиско-клеро-мафијашка структура чијашто прва – и најтемелно изведена! – задача беше да го кретенизира македонското население со историски ревизионизам, малоумно антиквизаторско преродбеништво и длабоко понижувачки самозаборав.
Така и понатаму молчиме за нашето југословенско потекло и се идентификуваме пред светот со триесет метарската грдотија на Алехандро Магно на нашиот главен плоштад. Која брука, која срамота, кој чемер! Па – ова веќе го напишав, но ќе повторам: доколку големината на споменикот произлегува од неговиот историски придонес за постоењето на Република Македонија, тогаш на Тито, неговите партизани и социјалистичка Југославија, би требале да им изградиме споменик висок 16 километри, од титаниум, иридиум, злато и платина, за да се гледа со голи очи од вселената!