На шестгодишнината од руската анексија на Крим, американската администрација во Вашингтон уште еднаш потсетува дека Крим е дел од Украина, изјави денеска државниот секратар Мајк Помпео.
„Како што е подвлечено и во Декларацијата за Крим од јули 2018 година, САД нема никогаш да го признаат барањето на Русија за суверенитет над полуостровот. Ја повикуваме Русија да ја заврши окупацијата на Крим“, се вели во соопштението.
САД сметаат дека руската воена окупација на полуостровот е закана за националната безбедност и надворешната политика на земјата.
Руските окупациски власти продолжуваат со нарушување на човековите права и основните слободи со брутално замолчување на критичарите, граѓанското општество и медиумите, и со нападите на верска основа.
Според Стејт департментот, над 80 лица од Крим, вклучувајќи членови на заедницата на кримските Татари, се во затвор, а некои се подложени на тортура, само заради учество во мирни протести против окупацијата. Се вели и дека Русија насилно регрутирала во армијата 20 илјади мажи од Крим, прекршувајќи ги меѓународните норми.
„Шест години подоцна, Русија продолжува да се служи со дезинформации и лаги во својот пропаднат обид да го озакони незаконското. Светот нема никогаш да ја заборави руската неиспровоцирана инвазија на Украина“, се истакнува во денешното соопштение.
Се вели дека САД ги осудуваат нелегалните акции на Крим и продолжителната агресија против Украина, и во регионот Донбас, а истовремено „санкциите против Русија остануваат во сила се додека контролата над Крим не се врати на Украина, и не се имплементираат сите обврски од Минските договори“.
ФОТО: EPA / MICHAEL REYNOLDS