Има низа проблеми со навидум доблесната идеја за „помирување“ која подолго време ја заговара Зоран Заев, а од некни почна да ја повторува и новиот претседател на Републиката, Стево Пендаровски.
Прво, има разлика во тоа дали се заговара политичко, национално, меѓуетничко, интраетничко или меѓучовечко помирување во Македонија? Тие работи не се исти ниту по својата суштина, ниту по методологијата со која би можеле да бидат адресирани евентуалните решенија, а ни по опфатот или актерите кои треба да учествуваат во тој „проект“. Некои од тие помирувања се можни, други се неопходни, а некои се чисто губење време.
Доколку не се навлезе во подетална разработка на целните групи, компонентите и актерите на идејата за „помирувањето“, тогаш флоскулата „Едно општество за сите“ (која, претпоставувам, би требало да е крајниот резултат на тоа „помирување“, во интерпретацијата на Заев и Пендаровски) повеќе наликува на некакво ќебе со кое се покриваат, можеби и се сокриваат, но не се разрешуваат проблемите кои си остануваат непроменети под оваа розева, прекривна, церада-флоскула. Таа можеби добро звучи како политичка парола, но е тотално шуплива без суштинска разработка.
Второ, лесно е да заговараш помирување кога си на власт, во политички супериорна позиција, во систем што со децении е граден врз разбирањето дека во политиката „победникот зема сè“. Бидејќи во евентуалното „помирување“ прво треба да се тргне со градењето доверба меѓу оние кои ќе се мират, за процесот да биде одржлив, тогаш мора да се смета на состојбата дека „гладниот на ситиот не му верува“. „Гладниот“, имено, верува дека „ситиот“ само дрнда глупости за да купи време за што подолго да се одржи на власт, затоа што само така „зема сè“. Бидејќи, оној што веќе го има јајцето в рака, на кокошката гледа само како на додаток за супа.
Да не треба, пред да се мириме, токму од позиција на власт да се менува системот и правилата на игра (и тоа на авто-штета на победниците), оти може да се испостави дека, се успее ли во промената на оваа „сè-или-ништо“ политичка логика, можеби мирење на подолг рок и нема да биде потребно?
Трето, како што веќе и до сега се уверивме, во интерпретацијата на Заев за нашето „помирување“ нешто ќе мора да се жртвува: или политичката соработка за постигнување на „помирувањето“; или последиците од функционирањето на правната држава која е суштината на демократијата, но и нашата главна пречка за „помирување“. Што ни е поважно? А и што гарантира подолготрајност на помиреноста во општеството?
Четврто, не сум сигурен дека воопшто ја знаеме и темата за „помирувањето“? Имено, и Мицкоски и Силјановска Давкова продолжуваат и по губењето на изборите и по официјалната инаугурација на Пендаровски за претседател, да шетаат по опозициските медиуми и да тврдат дека тие се, всушност, победници, бидејќи освоиле повеќе гласови меѓу етничките Македонци – тоа е и објаснувањето зошто не му ја честитале победата на Пендаровски, бидејќи тој загубил меѓу етничките Македонци.
Тогаш, врз основа на која визија за иднината на Македонија да се мириме, кога се работи за два не само сосема различни, туку и јасно спротивставени концепти за државата: едниот на ВМРО-ДПМНЕ, кој се залага за општество во кое само со пребројување на гласовите на етничките Македонци би се пресудило за тоа кој ќе владее со државата; и другиот на мнозинството од граѓаните кои велат дека државата е на сите, па ќе владее оној кој ќе собере повеќе гласови од сите, без разлика на етничкото потекло на гласачите. Може ли некој да објасни каде е тука маневарскиот простор, точката на пресек за проектот на „помирување“?
(Патем, истата припроста националистичка логика е и онаа на ДУИ кога вели дека тие, со „своите“ гласови на античките Албанци, му ја донеле победата на Пендаровски.)
Според тоа, кога се вели „помирување“, всушност, да не се мисли на „превоспитување“? Односно, Мицко и Горде да се „помират“ со тоа дека постојано ќе губат, сè додека лажно морализираат во ехо-комората на сопствената лузерска националистичка пропаганда?
Можеби е попаметно Заев и Пендаровски да баталат губење време за „помирување“, а да видат како социјално и економски побрзо да се развиеме по победничкиот пат на евро-атлантските и регионалните интеграции, како потврдено најдобар метод за превоспитување на патетичните балкански национал-шовинисти од сите етнички бои.
Извор: Цивил медиа