Пред околу половина час почна со работа координативно тело за помирување во Собранието, но зад затворени врати.
Се очекува денеска да се исцртаат контурите на текстот за помирување за крвавиот четврток, наспроти реакциите на стручната фела, но и на граѓаните кои сметаат дека ќе се спроведе селективна правда, ако било кој од обвинетите за настаните од 27 април биде помилуван преку ова собраниско тело. Пратеници кои се дел од собраниското тело, пак, велат дека треба да се обединат во помирувањето кое е од интерес на државата, а не да преовладаат партиските или личните интереси.
Претходно, пратеничката Фросина Ременски од СДСМ, која заедно со Емилија Александрова од независната пратеничка група на ВМРО – ДПМНЕ го предводат телото за помирување во неколку наврати истакна дека патот и до ЕУ и до НАТО е поплочен со одлуки кои треба да се носат со консензус во интерес на националните интереси на Македонија и затоа помирувањето треба да обединува околу државните интереси.
Во собраниското тело за помирување има вкупно 25 членови, но во него не учествуваат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, чија пратеничка група предложи Закон за амнестија на сите учесници во крвавиот четврток. Собранието со мнозинство гласови не поддржа расправа за ваков текст за амнестија.
Сепак, пратеници од ВМРО – ДПМНЕ не ја исклучуваат можноста, да го поддржат предложениот текст за помирување на собраниското тело, но велат дека тоа ќе зависи од содржината и доколку таа не поттикнува селективно спроведување на правото.