Помеѓу темјанот и јавниот интерес

Оправдана е вознемиреноста на јавноста и притисокот врз државните и градските власти, како и врз инвеститорите, за тоа што ќе добиеме во овој дел од градот. Бизнисот не треба да се кочи, профитот, гледаме, и од Господ е „осветен“, но интересите на граѓаните се на прво место.

2802

Мислам дека сите се согласуваат дека онаа голема, празна парцела наспроти хотелот „Холидеј ин“ во Скопје сега не служи за ништо друго, освен како површински, секогаш исклучително валкан, паркинг за неколку стотици возила за оние граѓани кои за некаква работа гравитираат во центарот на градот. И, така, со години таа зарасната грдотија со нискостеблести пластични кеси и друг разновиден смет никому не му пречи, односно толку се навикнавме на неа, што веќе не ја ни забележувавме.

Локацијата е премиум, со сегашен статус на урбана црна дупка. Му се смеевме на Грујо кога пред десетина години слушнавме дека таму се планираат три стокатници – со кого си го „мериме“, за да градиме стокатници? Која водена пумпа во Скопје ќе функционира 364 дена во годината за да качи вода до 47 или 72 кат? Првите три ката нема да сакаат да плаќаат за одржување на лифтовите, последните шест ката нема да сакаат да плаќаат за одржување на подрумите, не ќе има кој да смени сијалици по ходниците кога ќе прегорат, кој ќе го кречи тоа чудо третата година од вселувањето, а можам и да замислам со кое забрзување ќе летаат кесите со ѓубре надолу, фрлени од 32 или 67 кат!

Па, еве, 40 ката по 5-6-9 стана на кат, помножено со три кули, тоа ви се неколку стотици автомобили само за нивните станари – баталете подземни гаражи, кој скопјанец паркира на трето ниво под земја за да го качи зембилот до 38 кат?! Околните тротоари ќе треба да бидат по 30 метри широки за да се наредат сите тие коли една врз друга, додека тркнеш на 27 кат за да го оставиш детето од градинка…

Има смисла за тоа на Менхетен, во Монако или во Хонгконг и Сингапур каде, просто, нема слободна локација, нема празен квадрат, за големите побарувања на пазарот за деловен и животен простор, па освојувањето на небото е единствената опција… А во Скопје празни станови и дуќани има колку сакате, каде сакате, кога сакате, на сите можни локации, од центар до Драчево! На пример, карши, во ГТЦ, сега има десетици испразнети дуќани, а во оние полуизградени облакодери во Аеродром – ако баш ви дошло до височина – што ги градат Турците, со години не знаат што да им прават на празните станови.

А зошто на тоа место не се направи нешто нормално, во нормални димензии и со нормални содржини? Во ред, не сум против контроверзни архитектонски концепти – напротив – но, не може контроверзноста единствено да се мери според исплатливоста на пресметките на приватните инвеститори. Да, добро, веројатно неколку згради со „човечки димензии“ делуваат прифатливо, но комбинирани со пристојни паркови и други урбани содржини, плус доволно паркинг за сите што ќе се врткаме натаму-наваму околу тој дел од градот… Парцелата е приватна, но урбаниот простор е јавен, тоа налага строг „компромис“ помеѓу комерцијалниот интерес и јавните градски потреби. Дотолку повеќе што локацијата е во центарот на престолнината!

Оправдана е вознемиреноста на јавноста и притисокот врз државните и градските власти, како и врз инвеститорите, за тоа што ќе добиеме во овој дел од градот. Бизнисот не треба да се кочи, профитот, гледаме, и од Господ е „осветен“, но интересите на граѓаните се на прво место.

До тука, како што се гледа, не ни навлегувам во дубиозите за тоа како МПЦ и по која цена дошла до парцелата… Тие го имаат Господ на своја страна, со него работата е секогаш „во четири очи“, нема процедури што може да ги регулираат божјите намери.

А и од оваа социјал-демократска, левичарска Влада во секое време можете да составите два-три резервни состави на Синодот на МПЦ. Има таму доволно кадар што може да замижи за што и да е пред заносниот мирис на темјанот…

Извор: Цивил медиа

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...