Помеѓу разумот и еуфоријата

590

Во еден минатогодишен текст насловен „Помеѓу еуфоријата и злото“, пишуван во времето на (најпосле) успешниот обид да се формира нова, реформска Влада, во напливот на еуфоријата што завладеа на мрежите и медиумите – додуша само на некои – се определив да пишувам не за еуфоријата туку токму за Злото. За победеното Зло, но сепак Зло кое што сѐ уште надвиснуваше, како и што се покажува, над македонската демократија, со интенција во славеничката атмосфера да не заборавиме дека силите на мракот, сепак, не се / беа целосно поразени. Еве, таков избор ќе направам и денес, од проста причина што гледам дека многумина, како и тогаш, се определуваат за егзалтирани текстови во кои што се слави „победата“ – извинете, да не е прерано? – мудро изиграната партија (за што, секоја чест, немам забелешки, иако дури бев по малку и скептичен), отворениот пат за евроинтегративните процеси итн. Немам суштински забелешки, дури и убаво е да се слави, ама нели велат: изгорениот дува и на маштеница? Или, да кажам поумно: нели историјата нѐ учи да се пазиме од Данајците и кога носат дарови? Не знам, можеби човек со годините станува попретпазлив, или со искуството, а моето не е баш најдобро со оваа багра, па оттука и претпазливоста. Така и сега: би сакал да бидам на страна на разумот, со сосема мала доза еуфорија во срцето во оваа драма во три чина!

Зборот ми е, прво, еуфоријата од отворањето на процесот не смее никако да ја замагли суштината дека за тоа беа потребни и осум туѓи гласови, гласови на луѓе кои до вчера беа целосно на спротивната страна, да не кажам лути непријатели, ама и да кажам нема да згрешам, а кои ненадејно, под „одредени услови“, преминаа на наша страна. Зошто и како, цената ќе ја дознаеме во некоја поблиска иднина. Но, тоа, генерално не ми пречи. Дури можам да се убедувам и себеси и другите – иако прилично млако и неволно – дека тоа навистина е и нивен (сегашен) избор. Дошло им врло веома из дупета у главу, што би рекле Србите, во стилот на една од гласачите „за“. (А бидејќи веќе ги спомнувам Србите, замислете го и незамисливото, меѓу сите вмрони и еден вистински Србин наречен Стоиљковиќ! Поголем вмрон од вмроните. Неверојатно! Тоа го има само во оваа Македонија, па нека е и Северна!!!).

Како и да е, еве нивните гласови нека извираат дури и од срцето а не од разумот, јас сепак би ги прифатил со мала резерва. Прво, зашто оваа драма е програмирана во три чина, од кои што наведените персони ќе мора да гласаат исто барем во уште еден чин. Лесно? Којзнае. Дотаму е ујдисана работата? Не знам, можеби. Јас повторно за Данајците зашто, прво, овие осуммина – а во врска со ова, како чудно совпаѓање: ви текнува на 1989 година и историската улога на осумтемина од РСВР, сега сите безмалу на различни страни? – имаат сосема различни претходни „дела“, што значи и различен меч им виси над главите. Второ, тие ќе бидат подложени на огромен притисок од страна на нивната (бивша) партија, притисок за кој што ние можеби и не сме свесни. Веројатно тоа го имале предвид премиерот и надлежните, ама добро е да се потсетат. Ќе издржат ли? Тие си знаат, ама треба и некој друг да знае. Да се надеваме дека е така, инаку се заканува третиот чин да испадне трагедија наместо лесна драма!

Но, можеби не одговорив децидно зошто сепак се определувам за разумот визави еуфоријата. Можеби заради фактот што некои од „осумтемина“ ми се прилично добро познати, не лично, скраја да е, ама според нивното однесување и постапки за време на бандитскиот режим. А богами и заради наследството што го оставија. И тука да не пропуштам да ги спомнам и сите оние таргетирани „одгласи“ врзани за нивното гласање, почнувајќи од онаа глупицана која токму една од гласач(к)ите ја внесе во филм дека е нешто специјално, дека е дури и глумица, па и директор(ка), а оваа сега и’ враќа за некаков лепак на раката. „Охо“, или … од овие новиве, „Тендер“ лепаци? Или токму братучедата (повторно) на една од гласач(к)ите, која цел живот го помина онака, амбивалентно, ни оди ни седи, а сега испраќа некакви шифрирани пораки за „чист образ“. А кој тоа, ве молам, има чист образ? Таа? Ма дајте, та зарем некои персони навистина мислат дека ние сме го загубиле целото паметење само заради фактот што тие успешно се прикриле? Нивното допрва ќе излегува, нешто од тоа е застарено, за жал, како оние сељачки трампи, ама нешто и не е!

И токму тука сакам да ја извлечам поентата на овој текст, на мојот став за оваа ситуација: целосно согласен со „упатството“ на почитуваниот Малевски (Денко) дека (парафразирам) кога е во прашање опстанокот на државата, сите лични „теории“ паѓаат во вода, сметам дека оваа власт мора(ше) да го прифати „покајувањето“ на одделни персони, сега и тука, во интерес на повисоките цели, без оглед на причините за истото. Но, убеден сум, дека прифаќањето не мора / не смее да значи и историска амнезија за нештата низ кои што „заедно“ поминавме, но на дијаметрално различни страни, едните како егзекутори, другите како жртви. Заборавот не смее да биде прашање на државен притисок или решение, зашто минатото не е мртво слово на хартија кое лесно се брише само со помошта на гумичка. Не, тоа би било државно злосторство кое оваа власт не смее да си го дозволи. Заборавот никогаш не бил / е решение за ниту еден проблем. Заборавот е само уште еден од многуте патишта кон заедничкиот казан на пеколот каде што, ни криви ни должни, би се нашле со некои непосакувани типови.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...