Постои ужасна врска помеѓу две вчерашни доминантни вести од рубриката „црна хроника“, иако на прв поглед можеби не делува така…
Да знаеш дека сопирачките на автобусот не се в ред, а да го пуштиш во секојдневен сообраќај, откако претходно во сопствената станица за технички преглед си ја потврдил „исправноста“ на возилото; и да го „штелуваш“ апаратот за снимање на брзината на автобусот, за да ја лажеш полицијата – тоа се вика рецепт за катастрофа којашто чека да се случи. Тераш така со недели и со месеци, но еден несреќен ден трагедијата се случува.
Од друга страна, да имаш голем „црн фонд“ за дискреционо трошење во тајната служба и, со години, да си се послужуваш без за тоа некому да поднесуваш точна евиденција – тоа се вика рецепт за катастрофа којашто чека да се случи. Тераш така со години, но еден „несреќен“ ден те фаќаат дека „позајмиците“ од тајниот фонд биле и меѓу помалите злоупотреби што се правени во службата којашто служела за најразлични лечења на лични и групни фрустрации, од приватни и професионални, до партиски и политички.
И двата примери, всушност – без разлика што докажувањето на евентуалните криминални околности ќе биде предмет на судски процеси – макар и на ниво на втемелени сомневања говорат за распад на системот; и тоа не затоа што тој, системот, бил лошо поставен, туку затоа што оние кои биле овластени и платени да се грижат за негово спроведување – „службените лица“ – потфрлиле на фрапантен начин во својата работа. Рецепт за катастрофа.
И ова би било доволно за поука. Но, проблемот е нешто малку поголем…
Би се осмелил да тврдам дека ние, сите, навикнавме да живееме во општество на полупрофесионализам, во најдобар случај. Сите ние, секој ден, учествуваме во некој „рецепт за катастрофа“ што чека да се случи, без разлика што огромниот дел од нас тоа не го прави од зла намера, често ни свесно, а секако не заради некаква материјална или друга корист. Нема водоводџија или плочкар што ќе ви ја заврши занаетчиската работа како што треба; како што нема доктор, даскал, новинар или претседател на држава којшто се движи во параметрите на целосен професионализам. Сите, во поголема или помала мерка, импровизираме, а некои од тие импровизации, кога ќе се стекнат лоши околности, завршуваат со трагични или криминални последици.
Ова не значи дека сите сме, на некаков колективен начин, виновни за поединечните сообраќајни трагедии или за злоупотребата на парите од државниот буџет. Но, да си признаеме, добар дел од општеството мисли дека кога, на пример, имаш достап до „црн фонд“ кој можеш да го трошиш дискреционо, треба да си будала да не крадеш и за себе од тоа!
За тоа, за тој менталитет, ни говорат ЕУ и НАТО кога велат дека нè скенираат за да видат што да прават со нас. НАТО е, пред сè, безбедносна организација, па нивните интереси, покрај политичките и демократските компоненти, имаат и поважни стратегиски резони кои можат да си дозволат да не фатат „кусур“ баш за секои „сопирачки“ во системот што не ни работат. Но, во случајот на ЕУ, ем не им се брза, ем не се нешто многу далдисани по нас, ем ние со нашите „послужувања“ од „црните фондови“ им даваме илјада поводи за тоа љубовта да ни биде од дистанца.
Следната „станица“ ни се изборите. Ќе се докаже ли на нив мојата теза дека сите ние сме една голема група на полупрофесионалци кои се навикнале да живеат во општество во кое тоа што никој не си ја врши работата до крај како што треба, се смета за нормално?
Извор: Цивил медиа