Полска го утна македонското знаме, па му се извини на Пендаровски ФОТО

7826

По гафовите на протоколите на македонските институции со употреба на државните симболи при официјални посети на странски државници на земјава, грешка му се случи и на протоколот на полскиот претседател Анджеј Дуда.

При официјалната посета на претседателот на државата Стево Пендаровски на Полска, на заедничката прес-конференција со полскиот претседател Анджеј Дуда, зад претседателите беа истакнати државните знамиња на двете земји, но македонското знаме беше модифицирано.

Од кабинетот на Пендаровски за Плусинфо велат дека македонската делегација веднаш реагирала кај полската делегација и дека домаќините им се извиниле за ненамерниот пропуст.

– Во врска со поставените знамиња, македонската делегација реагираше кај полската страна, при што домаќините изразија длабоко извинување и рекоа дека се работи за ненамерен пропуст на нивниот протокол. Би сакале да додадеме дека нашата делегација е задоволна од официјалната посета на Полска, која политички и организациски помина во најдобар ред – одговорија од Кабинетот на Пендаровски на прашањето на Плусинфо дали македонската делегација реагирала кај полскиот протокол за изгледот на државното знаме.

На фотографиите што ги објави кабинетот на претседателот Пендаровски може да се види дека дискот, односно кругот од сонцето е со поголеми димензии од пропишаното во Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија и дека има црвена лента околу дискот и осумте краци, која не постои во оригиналното знаме.

Освен на прес-конференцијата на двајцата претседатели, видоизменето знаме беше поставено и на средбата на шефовите на двете држави со нивните сопруги.

Дека е направена утка на полскиот протокол со македонското знаме најдобро може да се воочи на фотографијата од средбата на Пендаровски со маршалот на Сејмот (долниот дом на полскиот парламент), Елжбијета Витек и со маршалот на Сенатот (горниот дом на полскиот парламент), Томаж Гроцки, каде што е поставено оригиналното државно знаме на Македонија.

Според официјалниот опис „знамето на Република Македонија е црвено со златно- жолто сонце. Сонцето е со осум сончеви знаци кои се простираат од сончевиот диск со проширување до рабовите на знамето. Сончевите зраци се вкрстуваат по дијагонала, хоризонтала и вертикала. Дијаметарот на сончевиот диск е една седмина од должината на знамето. Центарот на сонцето се поклопува со точката во која се сечат дијагоналите на знамето. Односот на ширината и должината на знамето е еден спрема два“.

Според член 4 од Законот за употребата на грбот, знамето и химната на Република Македонија, „грбот и знамето на Република Македонија можат да се употребуваат само во формата и содржината што се утврдени со закон. Во грбот и знамето на Република Македонија не може ништо да се впишува, односно испишува, ниту тие можат да се менуваат. По исклучок, ако е тоа со закон и друг пропис пропишано, грбот и знамето на Република Македонија можат да се употребуваат како составен дел на други амблеми, односно знаци (воени, командни и ранговни знамиња и друго) или на знамето на Република Македонија може да се испишува одреден датум или име (воени и други свечени знамиња и слично)“.

Протоколи на неколку институциии во земјава меѓу кои и владата во изминативе години се „прославија“ со утки при истакнувањето на државните симболи при официјални посети на државници во Македонија.

Јавноста го помни пропустот во 2018 година кога австрискиот канцелар Себастијан Курц интонациите на химните пред Владата ги слушаше пред знамето на Летонија, наместо пред знамето на неговата земја.

И протоколот на шефот на државата Пендаровскисе приклучи кон гафовите кога за време на официјалната посета на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ во Скопје, црногорското знаме беше поставено наопаку. Македонскиот шеф на државата се извини за ненамерната грешка.

Сите ја паметат и историската посета на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во Скопје, кога пред владата не беше интонирана македонската химна. Владата тогаш се правдаше дека поради теснец во времето оти доцнел авионот на Ципрас, е скратен официјалниот пречек на грчкиот премиер пред зградата на владата и дека затоа не била интонирана химната.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...