Јапонската влада даде грант од околу половина милион евра за набавка на опрема и реконструирање на пет јавни здравствени установи.
А како на Клиниката за дигестивна хирургија е потрошен дел од донацијата , денеска разгледуваа министерот за здравство, д-р Венко Филипче, заедно со амбасадорката на Јапонија, Н.Е Кеико Ханеда и заменик претседателот на Владата задолжен за
европски прашања, Бујар Османи.
Министерот Филипче се заблагодари на јапонската влада и ја истакна важноста за вложување во здравствениот сектор. Освен оваа установа, со Програмата „Грант –
помош за поддршка на мали проекти за човекова безбедност“ ќе се подноват и Клиниката за гинекологија и акушерство и Институтот за белодробни
заболувања кај децата – Козле, соопштија од Министерството за здравство.
– Речиси половина милион евра беа доделени на пет здравствени
установи за набавка на медицинска опрема и реновирање. Со оваа голема
донација ги подобруваме условите и ги зајакнуваме капацитетите во
здравствените установи – рече министерот Филипче.
Амбасадорката на Јапонија им се заблагодари на министрите, директорите и
медицинскиот персонал за нивната соработка за време на имплементацијата на овие проекти, а која придонесува за подобрување на здравствените услуги
на македонските пациенти.
Заменик-претседателот на Владата, Османи, во улога на национален координатор за
распределба на странска помош во РМ, но и еден од хирурзите кој ќе треба да ја користи оваа опрема, истакна:
– Ми претставува особено задоволство што денеска ја имам честа да
бидам домаќин на амбасадорката на Јапонија во РМ, Н.Е. Кеико Ханеда, тука
на Универзитетска клиника за дигестивна хирургија, каде сè уште активно
работам. Задоволството е секако уште поголемо, ако се има предвид дека,
токму со несебичната помош од Владата на Јапонија, но и со несебичното
залагање на амбасадорката, денес имаме значително подобрени услови за
работа, кои се најважни за нашите пациенти – истакна Османи.
Тој потсети дека од осамостојувањето на нашата држава, Јапонија обезбедила голема поддршка преку официјалната развојна помош од повеќе од 420 милиони евра во неколку значајни сектори, како здравство, образование, развој на локалните заедници.