Како министер за внатрешни работи ми причинува особено задоволство што и денеска во рамки на активностите планирани по повод денот на полицијата, заедно имавме можност уште еднаш да се увериме во професионалноста на припадниците на нашата полиција, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски по завршувањето на алпинистичко-спасувачката показна вежба „Водно 2019“, во рамки на активностите организирани во склоп на одбележувањето на Денот на полицијата- 7 Мај.
Денеска на падините на Средно Водно преку две показни вежби беше презентирана подготвеноста на нашите служби за спасувачки операции, во конкретниот случај спасување на заглавени патници во кабини на жичница со примена на алпинистички техники, специјална опрема за работа на жичница, како и приод и евакуација со хеликоптер, демонстрирани од припадници на алпинистичкиот тим од Единицата за специјални задачи и хеликоптер со екипаж на Воздухопловната eдиница за полициски операции. МВР имајќи ја предвид важноста на овој вид специјализирани тимови и служби, како за полициски така и за спасувачки намени, во континуитет го подржува нивното надградување и модернизирање притоа издвојувајќи значителни финансиски средства за обука и опремување. Во изминатиот период за потребите на алпинистичкиот тим на Единицата за специјални задачи набавена е нова алпинистичка опрема и системи за спасување. Во соработка со амбасадата на Република Франција во неколку наврати организирана е обука на припадниците на алпинистичкиот тим на ЕСЗ со експертски тимови од Франција.
– Преку вакви презентации и овозможуваме на јавноста да се запознае со секојдневните активности на полицијата како и потенцијалите на Министерството во остварувањето на своите законски надлежности и должности. И денеска се покажа одличната подготвеност на полициските службеници и нивното ефикасно дејствување во корист на граѓаните- рече министерот Спасовски.
Подготвеноста на нашата полиција беше демонстрирана и при неодамнешната посета на папата Франциск, која помина беспрекорно и за која МВР доби бројни честитки, а денеска министерот Спасовски им додели плакети на членовите на оперативниот штаб при МВР кој беше формиран за оваа посета.
– Ја користам и оваа прилика на сите припадници на МВР кои дадоа придонес оваа посета да помине во најдобар ред да им изразам особена благодарност- рече Спасовски .