Пукачот кој пред речиси еден месец во нога го рани економскиот директор на Гинекологија и функционер на ДУИ Ваљон Бела е откриен од страна на полицијата, дознава Плусинфо од свои извори. Според нашите информации, на МВР му е познат идентитетот на четвртиот напаѓач односно на лицето што го ранило Бела и, како што посочуваат нашите извори, тој веќе бил повикан на распит во полиција.
Од скопското обвинителство потсетуваат дека донеле наредба за истрага против три лица осомничени за кривичното дело „насилство“, но повеќе детали, во интерес на истрагата, не соопштуваат. Оттаму очекуваат информации од МВР за четвротото лице.
На економскиот директор на ГАК му била извршена операција на ногата и Бела веќе се вратил на работното место во Гинекологија. Тој на својот Фејсбук постираше фотографија по Нова година, на која со министерот Венко Филипче и скопскиот градоначалник Петре Шилегов се во посета на првороденото бебе. Но, на работа Бела почнал да доаѓа после Божик.
Во пукотницата пред речиси еден месец Бела беше ранет во нога и според неофицијалните информации, причина за инцидентот била расправија помеѓу него и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу.
Тогаш високи функционери на ДУИ ни потврдија дека Бела барал Ганиу да му исплати плати од Општината, каде претходно бил вработен. Нема информација за колку плати станува збор и дали Беља барал освен платата од ГАК и натаму да зема општински пари.
Бела бил ранет пред зградата каде што живее градоначалникот. Ганиу не се симнал на средба со Беља, туку го испратил неговиот шеф на кабинет Е.А., како и , Е.Х. Р.Н. и пукачот.
Ганиу не се произнесе за инцидентот, додека од ДУИ порачаа дека партијата нема врска со настанот.
Бела од поодамна ѝ е познат на јавноста и по прелетувањето од една во друга партија, но и по инциденти и тепачки. Тој беше член на невладината организација Реалитети, а во 2010 стана лидер на партијата Албански сојуз. Подоцна оваа партија се спои со ДПА на Мендух Тачи, каде Беља беше потпретседател. Откако му пораснаа апертитите и сакаше да го смени Тачи од претседателската позиција, лидерот на ДПА го исклучи од партијата. По ова Беља беше претепан во скопско Кондово од група непознати напаѓачи, по што заврши на Ургентниот центар.
По преминувањето во ДУИ, Бела кој беше вработен во Општина Чаир, во јуни 2016 во канцеларијата на градоначалникот Изет Меџити му остави куршум завиткан во салфетка. По тој инциден бил приведен во полиција и пуштен, а тврдел дека некој го мести. МВР му поднела пријава за загрозување на безбедноста, но за случајот сѐ уште нема разврска.