Специјалецот Игор Спасов, кој е осуден на 14 години затвор за убиството на Мартин Нешковски, од денеска и официјално се бара со потерница на територијата на цела држава.
– Игор Спасов не е пронајден и е недостапен на органите на прогон. СВР- Штип го извести судот дека тој е недостапен и е во бегство, поради што судот веднаш издаде согласност за издавање на потерница за негово пронаоѓање на територијата на Република Северна Македонија – изјави портпаролката и судијка во судот во Штип, Јулија Неткова.
Полицијата го барала дома и на неколку локации каде тој би можел да биде, но не го пронашла. Иако немаше официјана потерница за цела држава, веднаш по информацијата дека не се вратил во затвор, надлежните се обидуваа да го лоцираат не само на локално, туку и на централно ниво.
Ако Спасов не биде пронајден по денешната наредба за барање на цела територија, процедурите налагаат по него да биде распишана и меѓународна потерница во согласност со судот.
Спасов е осуден на 14 години затвор за убиството на момчето Мартин Нешковски вечерта на прославата на ВМРО-ДПМНЕ по победата на парламентарните избори. Досега има издржано околу половина од казната, по што лани летото доби прекин поради здравствени причини. Тој требаше да се јави во Затворот „Идризово“ на 18 октомври.
Лани, кога тој доби прекин на издржувањето на затворската казна, надлежните информираа дека во медицинскиот наод за Спасов, е наведено дека актуелната здравствена состојба кај него се следи, има суспектен наод на липоматозна туморозна формација која дијагностички треба да се потврди.