Полицијата треба да научи дека новинарите, кои известуваат од протести не и се непријатели, туку исто така професионалци на службена должност, кои треба да се заштитат ако бидат нападнати од учесниците во протестот. Таа заштита ја заслужуваат согласно домашното и меѓународното право.
Ова го порача денеска претседателот на ЗНМ, Насер Селмани на отворањето на работилницата посветена на подобрување на безбедноста на новинарите за време на критични настани, во организација на ЗНМ, МВР, со поддршка на ОБСЕ.
Селмани нагласи дека обуките за безбедност на новинарите за настани од висок ризик се заедничка заложба на ОБСЕ, ЗНМ и МВР со цел да се изградат институционални механизми за создавање побезбеден амбиент за новинарската работа.
– Едногласни сме дека насилството врз медиумските работници е неприфатлива практика за една демократска земја. Како важен елемент во функционирање на демократските процеси тие имаат право да работат во амбиент без закани и притисоци. Нивната мисија за информирање на граѓаните и барање отченост од секоја влада нема да се исполни ако работат во услови на страв и несигурност – рече Селмани.
Тој изрази уверување дека состојбата со медиумите во Македонија значително ќе се подобри ако се стави крај политиката на неказнивост на нападите врз новинари.
Работилницата е дел од напорите за подобрување на соработката меѓу новинарите и полицијата, откако МВР и ЗНМ во декември минатата година потпишаа меморандум за соработка.
На рабтолницата раководителите на секторите за внатрешни работи заедно со новинарите детални ги анализираат проблемите со цел да се подобри комуникацијата меѓу нив и во иднина секој во својата сфера на дејствување да дава придонес за демократизација на општеството.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски истакна дека примарно за секое деморкатско општество е непречено работење на медиумите.
– За жал во последните неколку години бевме сведоци на бројни напади и притисоци врз новинари. Нема никакво оправдување за ваквите напади. Ставот на владата е јасен и постојано го повторуваме – нула толеранција за каков било обид за загрозување на слободата на говорот и изразувањето – рече Спасовски.
Од 1 јуни 2017 година до денес регистрирани се 12 случаи во кои е загрозена безбедноста на новинарите и сите 12 се расчистени од страна на МВР.
Насилството врз новинарите содржи повеќе аспекти, посочи в.д. амбасадор на ОБСЕ Џеф Голдстајн на отворањето на настанот.
Тој појасни дека насилството врз новинари не се само вербални и физички напади, туку и незаконски притворања, уништување имот, произволни рации во редакциите или во домот на новинарите, говорот на омраза, напади на социјалните мрежи и закани за сексуални напади врз новинари жени.
Мисијата на ОБСЕ, како што посочи Голдстајн од лани почнала повторно со активности во сферата на слободата на медиумите, со фокус на безбедноста на новинарите, поради тоа што сметаат дека новата влада ќе биде подготвена да соработува со новинарските здруженијата и меѓународните организации за подобрување на ситуацијата.
Последните две работилници денеска и утре се реализираат во Скопје, а претходно вакви работилници имаше во Охрид, Куманово, Штип, Струмица и Тетово. Обуките, меѓудругото, имаат цел да ги запознаат припадници на полицијата за важноста на улогата на новинарите за информирање на граѓаните за настани од висок ризик, како што се протестите.