Полицајци и летувалци ќе даруваат крв во засилени акции

В сабота, во Кафе Градско пливалиште, хумани се очекува да бидат стружани и летувалците од другите градови кои дента ќе уживаат во убавините на Струга.

485
Од денеска до сабота ќе има засилени акции за дарување на крв, иако Институтот за трансфузиона медицина во Скопје располага со доволни резерви на драгоцената течност.

Вработени во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ и полицајци од Гевгелија денеска даруваат крв, а до 14 часот во болницата биле собрани 140 единици крв. Утре е акцијата за полицајците во Кавадарци, вработените во РЕК Осломеј во Кичево и во општината Желино. Скопјани драгоцената течност ќе може да ја даруваат и утре во „Даре Џамбаз“, од 8 до 15 часот, а акцијата таму се одвива и денеска, до попладне.

Секој ден до недела екипи на Институтот ќе бидат на терен во повеќе од 10 градови во земјата, за да ги спроведат крводарителските акции, кои задутре, в среда, се во Пробиштип, Велес, Тетово и повторно во Скопје.

В сабота, во Кафе Градско пливалиште, хумани се очекува да бидат стружани и летувалците од другите градови кои дента ќе уживаат во убавините на Струга.

д-р Садула Усеини

В.д. директорот на Институтот за трансфузиона медицина, д-р Садула Усеини, за Плусинфо објаснува зошто мора да се прилагодуваат при организирање крводарителни акции.

– Секое лето правиме анализа на потребите за крвни продукти и организираме крводарителни акции, предвидени и според годишниот план. Доколку утврдиме потреба за засилување на акциите, како што е случај оваа недела, тогаш, во соработка со Црвениот Крст, организираме нови. Имаме доволно резерви крв од сите  крвни групи, но се прилагодуваме бидејќи до неодамна имавме акции во средните училишта и на факултетите, а ревизорите ни дадоа препораки да нема непотребно собирање крв, за драгоцената течност потоа да не се отстранува. Целта е да се контролира потребата од крвни продукти со бројот на донации, за да не се случи да се надминуваат потребите и вишоци да има, а од друга страна, побарувањата за крв да се надокнадуваат – вели д-р Усеини.

Тој појаснува колку време изнесува рокот на секој крвен продукт.

– Еве на пример, еритроцитен концентрат (црвени крвни зрнца) се чуваат до 38 дена, а тромбоцитен концентрат најмногу до 5 дена, додека смрзната плазма може да се чува и до 3 години. Од овие причини, акциите ги организираме токму кога е најоптималното време за собирање резерви од крв – нагласува д-р Усеини.

Дневните потреби од крвни единици на скопските клиники и други здравствени  установи изнесуваат од 100 до 140 единици.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...