Помпезно најавуваме странски инвестиции кои ќе вработат 100 до 200 вработувања, а пропуштаме можност за кусо време да се вработат од 1.500 до 2.000 таксисти, реагира Групација на авто такси превоз откако со месеци е сведок дека Градот Скопје не ги спроведува на дело сопствените правилници и одлуките донесени за регулирање на такси превозот во градот и дозволува хаос во такси превозот кој го предизвикуваат нелегалните таксисти. Бараат Градот да ги спроведе сопствените одлуки и правилници и да стави ред во областа.
– На улиците низ Скопје возат над 5.000 таксисти, иако Градот има издадено 2.400 лицанци. Интересно е и тоа што за пет пати помалку таксисти се плаќаат придонеси – вели претседателот на групацијата Сашо Рајчановски.
Од Групацијата тврдат дека најголемиот дел од таксистите без лиценци се пензионирани полицајци и воени лица кои покрај високите пензии заработуваат на сметка на државата бидејќи не плаќаат придонеси.
– Овие таксисти ја оштетуваат државата и градот за износот на неплатените придонеси некаде околу 2 милиони евра годишно и дополнително и им го одземаат работното местото на 1.500 до 2.000 таксисти кои би биле експресно вработени кога би се сузбиле дивите таксисти – вели Рајчановски.
Според него, со решавањето на проблемот со дивите таксисти корист би имале не само таксистите кои легално работат и плаќаат придонеси, туку и граѓаните и Градот Скопје.
– Прво би се намалило согорувањето на 20 до 22 тони гориво во текот на годината со што би се придонело за почиста животна средина, би се спречиле манипулациите на граѓаните со цените, би се намалил притисокот за проширување на такси станиците во градот, а државата би наплатила придонеси и даноци од новите вработувања и цените на билетите бидејќи би биле фискализирани – вели Рајчановски.
Од Групацијата ја споделија и информацијата дека до сега не виделе ниту сообраќаен инспектор да запре и да провери таксист на улица, ниту, пак, инспектор за труд да направи проверка дали таксистите се пријавени.
– Напротив со измените на Законот за работни односи се дозволи да се добие лиценца за таксист, без да се покаже М1 и М2 образец за вработување и се овозможи пензионери и други лица нелегално да заработуваат од превоз на патници во Градот- додава Рајчановски.
Рајчановски вели дека во последната средба со градоначалникот Петре Шилегов околу проблемите им било речено дека наскоро ќе биде формирана комунална полиција која ќе треба да ги решава и овие проблеми, но од тогаш ништо не е направено.
Од Градот Скопје, пак, велат дека се вршат редовни контроли и инспекции за тоа дали такси превозниците се придржуваат до одредбите и правилата согласно Одлуката за авто-такси превоз на патници на подрачјето на градот Скопје.
– Секаде каде што е констатирано дека е направен прекршок согласно законските надлежности, инспекторите поднесуваа барања за поведување на прекршочна постапка до надлежниот орган (Комисијата за водење на прекршочна постапка при Министерството за транспорт и врски) – велат од Градот.
Лани четири инспектори од Одделението за инспекција на патен сообраќај и инспекција на патишта извршиле 231 контроли на превозници, од кои 116 во редовна инспекциски надзор, 38 преку контролен инспекциски надзор, како и 1 вонреден инспекциски надзор по претходна претставка.
– Како резултат на активностите на нашите инспектори доделени се 35 решенија за времено одземање на возила, а направени се и голем број на записници каде се санкционираат такси превозници – информираат од Град Скопје.
Во Скопје, според нивните податоци, има околу 3.000 лиценцирани такси превозници, но немаат податок за бројот на дивите таксисти.