Независниот синдикат на полицијата бара од МВР да спроведе итна набавка на нови униформи.
Како што изјави на денешната прес-конференција претседателот на синдикална подружница на НСП, Мартин Ефремов, од полицијата не се набавени нови униформи веќе десет години.
– Веќе неколкупати се поништуваат тендерите за набавка на нови униформи и кај нас почнува да се јавува сомнеж дека тоа се прави свесно за да не се изврши набавката. Неколкупати Министерството излегуваше со конкретни датуми за набавка на нова униформа, но ниту еден не беше испочитуван. Бараме од Министерството веднаш да набави нова униформа по основ на итна и неодложна потреба, бидејќи летото го минавме со по една кошула, но за зимата не знаеме што ќе правиме – вели Ефремов.
Како втор проблем тој го издвои и воведувањето седумчасовно работно време со кое, како што вели, се крши Законот за работни односи и колективниот договор.
Тој посочи дека полициските службеници се ангажирани на работа секој ден, а неретко и по двапати во текот на денот, при што, како што нагласува, правото на неделен одмор им е целосно ускратено, а приватниот живот речиси невозможен.
– Ние не бараме ништо повеќе од МВР освен да почне да ги почитува Законот за работни односи, колективниот договор и подзаконските акти – рече Ефремов симболично прикажувајќи избледено полициско капче како одраз на реалните состојби во полицијата.
Претседателот на Независниот синдикат на полицијата Гоце Тодев Делчев изјави дека од синдикатот досега биле направени неколку обиди за институционално решавање на проблемите на вработените во Министерството, но оти засега само делумно наишле на разбирање. Тој најави нови активности во однос на решавање на проблемите на вработените на Независниот синдикат на полицијата, како и на затворската и на шумската полиција.