Полицаец сведочи: Околу 60 луѓе дојдоа по лични карти во Ресен, рекоа дека ги пратил Темелко

1135

Вработен во полициската станица во Ресен, Агрон Кранлиевски, утрово дојде во Основниот кривичен суд во Скопје да сведочи за изборните нерегуларности во предметот „Титаник“, кој го отвори СЈО, а сега е во рацете на редовното обвинителство.

Тој кажа дека во 2012 од старешината добил задача да направи проверка на три адреси за повеќе од 100 луѓе дали тие живеат таму.

На едната адреса имало 40-45 луѓе, во втората во еден стан имало пишано 25-30, а исто толку имало и на третата адреса.

Сведокот како вработен во МВР, направил една проверка, но не пронашол ниту едно лице на тие адреси, а потоа добил наредба да провери уште еднаш или два пати.

И во наредните два обиди не успеал да пронајде некое од тие лица на трите адреси.

– По изведен период во увид на избирачкиот список видов дека во него се внесени 78 од тие луѓе, а јас за нив имав напишано дека тие не живеат на наведената адреса. По самата комуникација со луѓето кои беа во полициската станица, секојдневно имаше од 50-60 луѓе, ги гледавме во станица, непознати лица кои не се од нашето подрачје. Ние сме мало место, се знаеме сите. Од командирот Милорад Георгиевски добивме наредба тие лица да ги извадиме надвор на паркингот да не се во дворот на станицата да не прават гужва. И во разговор со нив, тие кажаад дека нема да излезат надвор и дека тие се пуштени тука со пасошите да се сликаат во Ресен по наредба на градоначалникот на Пустец, Едмонд Темелко – раскажа Кранлиевски.

Тој е единствениот сведок за денеска бидејќи другите кои требаше да сведочат се со работни обврски, па ќе добијат покани за наредното рочиште.

Во „Титаник“ обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски кој избега и доби азил во Унгарија, ексгенералниот секретар на Владата Кирил Божиновски, поранешните министри за внатрешни работи и за транспорт и врски Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, како и Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...