Лукман Селими, вработен во Единицата за брзо распоредување (ЕБР) во МВР, кој на 27 април лани бил на работа во смена од 14 до 22 часот, е првиот сведок кој денеска сведочи за настаните од крвавиот четврток.
– Кога масата стана поагресивна ни беше кажано да излеземе пред Собранието во групи, по 5 во една од група од кои еден одговорен. Бевме 5 групи, тоа значи 25 души. Две групи тргнавме кон главниот влез. Но масата беше побрза и поблиску до вратата и стигна пред нас. Се мачевме 15-20 минути за да стигнеме до главната врата, но не можевме – почна да раскажува Селими.
Кога се отвориле вратите масата почна да влегува, па влегле и тие. Од луѓето што биле внатре се слушнало дека доаѓаат маските, по што дошле лицата со фантомки.
– Некои од нив ни викаа колеги сме не не чепкајте. Беа агресивни. Колку можевме ги спречивме. Тие беа развиени се гледаше оти беан по кратки ракави, со тетоважи. Некои успеаа да избегаат, се качија на првиот спрат, кружеа, како да не знаат каде да се движат. После дојде уште еден човек со маска и им викна дојдете по мене, сала број 3. Таму се пратениците, предавниците. Ние тогаш сфативме каде се пратениците и во која сала. Тој викаше 2-3 пати по масата, но таа како да не го слуша. Потоа ја крена фантомката неколку пати за да го видат кој е и што е. По нив тргнавме и една група од нас за да видиме каде е сала број 3 и што се случува таму. Имаше препреки на самата врата и не дозволуваа да влеземе внатре – раскажа полицаецот.
Пробале да влезат еднаш но не им дозволиле, ги удирале со столици.
– Позади нас беше помошникот на кого околу 20 до 9 на врска му наредиле да се употребат шок бомби за да се влезе внатре. Потоа баравме шок бомби од колегите што беа со нас, но од нашата единица немале такво нешто. Тогаш колега од ЕСЗ мене ми понуди две шок бомби кои ги земав и ги фрливме внатре во салата. Со првата не можевме да влеземе, со втората шок бомба успеавме да влеземе при што бев удрен во главата. Продолживме да го исчистиме просторот внатре и од десната страна тогаш првпат ги видов пратениците – сведочеше Селими.
По него во судница влезе да сведочи Никола Војмоновски кој е веќе осуден на 13 години затвор за нападот врз Зијадин Села токму на крвавиот четврток.