Мицкоски му се закани на премиерот Заев со ликвидација. Слично како и Груевски во еден говор во Делчево, во 2016 година, така и тој во синоќешниот, бескрвен настап пред камерите (инаку е многу похистеричен), речиси отворено му се закани на премиерот и на сите негови поддржувачи. Меѓу другото, тој кажа: „Многу високо си летнат, отсутен си од реалноста, ама драматично ќе паднеш, сети се на Милошевиќ и сети се на Чаушеску. И тие мислеа дека се недопирливи, ама знаеш како завршија“. Ако поради ништо друго, тогаш само ова е доволно да го дисквалификува овој лик од сериозната политика. Мицкоски е очигледно во многу тешка ситуација.
Да погледнеме една друга димензија на неговите јавни настапи, пресликани во деноноќната активност на неколку десетици тролови координирани од палатата на срамот. Да, нивната бројка навистина не е голема, иако (релативно успешно) им поаѓа од рака да создадат впечаток дека се многубројни.
Тој бескрајно ги повторува зборовите и изразите: „деспот, слободен пад, штетни политики, крај и тежок пораз, народот не ги поддржува, самоволие, предавства, забеганост, очај, подмолно, страв во општеството, политички прогон, не ти се плашиме, лудило, отчукува часовникот, готов си, нема бегање, нарачани убиства, притвори, апсења, изживувања, тендери, налудничави потези, уцени, тоталитаризам, жигосувања, потпалување, подметнувања, Кацарска судство (Сваровски), Рускоска Обвинителство (Зврлевски), правда, врхушка…“ Не ве потсетува тоа на нешто?
Многу јавни настапи, па така и неговиот ноќен говор на Мицкоски пред јавноста, по приведувањето на Велјановски, Јанакиески и Ристовски, се кражба на авторски труд. Веќе подолго време, тие што му ги пишуваат говорите на овој политички шарлатан, кој е само за нијанса над рангот на еден Бачев или Амди, всушност, пред себе ги имаат сите наши текстови и јавни обраќања. Се разбира, тие говори и настапи се украдени од крајно неталентиран и неспособен политичар и исто такви партиски стаорци. За кредибилитетот нема што да се зборува – ГО НЕМА!
Тоа што со години го пишувавме, соочени со тмурната македонска реалност под режимот на Груевски, сега тие го украдоа. Ништо свое немаат, освен гротескната иконографија. Нивните јавни настапи се украдени, на лош и несмасен начин, од нашите веб страници, од нашите видео снимки. Само се пуштени низ густиот филтер на примитивизмот и нескриената омраза. Но, успеваат само одново и одново да покажат колку се мизерни и ги откриваат, не сакајќи, сите грди страни на една фашистичка клика. И не успеваат да го скријат паничниот страв од соочување со одговорноста за уништувањето на повеќе од една деценија од животот на нашата млада држава (на страна милениумската историја).
На крајот, говорите на Мицкоски само дополнително откриваат една хистерична природа која овој намесник на Груевски ја преслика на своите сѐ помалубројни поддржувачи. Ја посрамоти партијата докрај, иако таа немаше со што многу да се пофали и пред да ја зароби Груевски со својата Фамилија.
Сѐ додека е во канџите на Груевски, ВМРО-ДПМНЕ нема да биде релевантна, одговорна и кредибилна партија. Критиките што несомнено ги заслужува власта предводена од премиерот Зоран Заев, може да ги упати само некој што нема таков багаж каков што има деструктивната клика што официјално ја води Мицкоски. Зошто?
Секоја нивна акција е одбрана на злото и криминалот. Секој што има и најмалку симпатии за овие силеџии, нема ниедно морално или политичко право да се занимава со критика на било што или било кој. Звучи исклучиво, но тие самите одамна ги поминаа сите граници на подносливото.
Узурпаторите на политичкиот и јавниот дискурс во Северна Македонија упорно ги уништуваат сите можности за човек да размислува за политички дијалог и помирување, а да не си изгледа смешно и измамено. Може кој сака да се помирува со нив, нека е тоа и премиерот, но овие ликови се навистина лошо друштво.
Секој ден ги гледаме тие ликови како повторно и повторно, во името на помирувањето, добиваат шанса да водат делегации по регионов и светот, а водат и цели министерски ресори, држат советнички, директорски, заменички места, со илјадници чмаат по сите ќошиња на системот и цицаат крв… И сето тоа во име на македонскиот „пат кон иднината“… Кога го гледаме сето тоа, не останува ништо освен длабоко да се разочараме и да се згадиме од сѐ што подразбира политиката.
Заканата со ликвидации и пресметки ќе ја слушнеме и прочитаме и денеска и утре и сите наредни денови. Ќе преземе ли некој нешто во врска со тоа? Најверојатно не. Ќе продолжи тој неподнослив, а однапред амнестиран политички шунд и порнографија. А ние ќе продолжиме со нашите жестоки критики на сѐ што не чини во практикувањето на власта и во злоупотребата на политиката што дебело ја плаќаме сите ние и со пари и со живот. И никој нема да нѐ слушне.
Или можеби „Хашките соби“ конечно ќе ги добијат своите станари?