Политички трауми и слободна дебата

Одбрана на демократијата, хуманизмот и човековите права, – од говорот на омраза, насилството и ксенофобијата, – всушност, станува морална должност и „одбрана на хуманистичкиот простор во дебатата“.

268

Во колкава мера приватноста во услови на денешната интензивна комуникација преку социјалните мрежи може да остане во сферата на неполитичкото. На ова прашање најверојатно не постои едноставен и разумен одговор. Во актуелниов миг, кога приватното е едновремено и политичко, а ние сме повеќе приватни од кога и да било, е речиси невозможно човек да се сокрие и дистанцира од политиката.

Се разбира дека е мошне добро, примамливо и охрабрувачки, и пред сè во интерес на демократскиот развој, дека навистина голем број луѓе денес можат да ги шират своите ставови и гледишта преку социјалните мрежи, така што градењето на јавното мислење повеќе не е резервирано само за „мислечките“ елити. Аргументите не можат да бидат ничија привилегирана интелектуална сопственост.

Важен ефект од политичките трауми се лекциите што политичарирте ги учат од нив. Но за траумата да има таков ефект, се бара од политичарите подготвеност за прием на нови сознанија и погледи. Токму затоа, делењето сопствени лекции и „држење предавања“ за едно или друго прашање, за економијата, даночната политика, странските инвестиции, па дури и за издавањето поезија и младинска литература, при што политичките лидери се обидуваат во пошироката јавност да го наметнат впечатокот за сопствената супериорност, само ги поттикнува корисниците на социјалните мрежи чекор по чекор да се оддалечуваат од аргументирана дебата, препуштајќи се на влијанието на пропагандата што постојано го контаминира просторот на јавната комуникација.

Дебатата околу овие прашања се одвива со силни бранувања. Во овој контекст, Иинтересни перспективи нуди познатиот германски поет Дурс Грунбејн, интересна личност според своите искуства во процесот на транзиција од поранешниот тоталитарен систем во Источна Германија, каде што е роден и израснат. Станува збор за неопходноста, во однос на слободата на изразување, да се разбере разликата меѓу дебатирање и исклучивост. Меѓу настојувањето во дебатата човек да се држи до суштината на прашањето, или, за разлика од тоа, упорно да настојува да дисквалификува некого како неспособен да понуди сопствено размислување.

Без оглед на расположенијата во јавноста, најважно е да се истапува со грижливо одбрани аргументи. Како, на пример, во однос на едно од најжешките прашања што предизвикува остри спротивставувања во Европа, односно великодушната азилантска политика што добива поддршка и од Ангела Меркел. Многумина тврдат дека 95 проценти од бегалците само ќе извлечат полза од социјалниот сигурносен систем во западноевропските општества, при што, се чини, владее еден вид коридор за насочување на мислењата и ставовите во дебатата, низ кој се цензурираат и казнуваат гласовите што политичката левица воопшто не сака да ги слушне.

Со бојкотирање и директно отфрлање на оние што во јавната дебата сакаат да внесат критички гледишта, според Грунбејн се испраќаат „апсолутно погрешни сигнали“, и на таков начин само им се дава индиректна поддршка на забелешките дека јавното мислење се канализира низ споменатиот коридор на „малограѓански левичарски либерализам“. Но Дурс Грунбејн се залага едновремено и за критика на сожалувачката „морална педантерија“, што владее во дебатата од позиција на крајната десница, каде што мошне голем број учесници го демонизираат противникот, наместо да одговорат на неговите изнесени мислења. Во таа смисла германскиот писател често ги рекапитулира и искуствата од „надзирањето на размислувањата, шпијунажата, кодошењето и понижувачките колективни ритуали“ во комунистичката диктатура во ДДР. Таков вид реминисценции, патем речено, несомнено имаат длабоки корења и на Балканот.

Одбрана на демократијата, хуманизмот и човековите права, – од говорот на омраза, насилството и ксенофобијата, – всушност, станува морална должност и „одбрана на хуманистичкиот простор во дебатата“. Претенциозно самопрогласување на победници во дебатата и повлекување линија за да се означи крај на дискусијата по извесни прашања, е погрешен пристап. Слободна размена на мислења не е нешто што поткопува, туку разјаснува и облагородува. Во простор каде што владее согласност, застанува активната мисловна дејност. Според Грунбејн, секој што се осмелува да каже нешто против тебе, може да направи далеку повеќе дури и за твојата сопствена слобода, отколку климоглавците што полтронски само изразуваат целосна согласност – сè додека ти ја имаш иницијативата.

Сепак, актуелниот развој на социјалните мрежи, но и во поширокиот медиумски простор, покажува дека постои и граница за тоа колку многу пораки можат да бидат абсорбирани, пред човек да биде погоден од истоштеност од мислења и ставови. Всушност, постои реален ризик луѓето најпосле да се заситат од политиката. Ако сè е еднакво важно, лесно може да се случи на крајот сè да стане и неважно и небитно.

По неколку години најверојатно како нов израз во онлајн-жаргонот ќе почне да фигурира – „политичка детоксикација“. Еден вид ретерирање за премногу експонираните во јавната дебата, каде што би било строго забрането да се поттикнува кавга околу понудените слики на реалноста. Но, според природата на нештата во модрерниот развој на демократијата, ќе биде крајно тешко да се анулира фактот дека учесниците во дебатата, и сите оние што ја следат, во основа не сакаат да добиваат авторитарни одговори и објаснувања, туку ќе продолжат да инсистираат да им биде оставена можноста да заземаат соспствени – и, пред сè, слободни – ставови и гледишта.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...