Ситуацијата во македонското општество е тешка. Во основата на таа наша перманентна криза е што државата не е институционално изградена за, во еден чесен натпревар на способности, да им пружи шанса за добар живот на своите граѓани. Низ децениите, не успевајќи да ги достигне стандардите на отчетно и демократско поведение, сѐ се сведе на „услуга за услуга“ – од претпријатија и универзитети, до високата политика. Јас твојот човек, ти мојот човек, јас за тебе, ти за мене.
Првите импулси дојдоа уште во деведесеттите од политичките институции во кои политичарите од позиција на доверена моќ да работат во интерес на народот, станаа трговци со таа моќ за приватна добивка. Тоа е дефиниција за корупцијата. И кога сѐ околу вас се сведува на „услуга за услуга“, вашата лична дилема е да се придружам и да решам проблем на некој најблизок, ќерка или син, или шансата да ја препуштам на друг кој така ќе си го реши својот проблем. Ако се исчекори од системот на услуги, слаби ви се шансите за успех, но ако се приклучите можете само да добиете.
Се разбира, таквиот систем во кој живееме денес има последици и по целото општество. Дури би рекол дека од таквиот „систем“ може да пропадне држава. Имено, успешноста на една модерна држава се мери примарно со тоа колку создава прилики (opportunities) за сите свои граѓани, а особено за младите, да најдат работа со која ќе ја осигураат својата егзистенција. Во нивната економска сигурност и просперитет се темелите на благосостојбата на целото општество. За тоа е потребна одговорна власт која води во вистинска насока.
Вие нема најдобро да се снајдете во новиот капиталистички систем, ми вели странски соговорник во годините на создавањето на независната македонска држава. Свесен за темната страна на капитализмот и за отсуството на демократска свест и демократски институции, стравуваше дека народот на Македонија ќе стане лесен плен на корумпирани политички моќници, узурпатори на прокламираната демократија. Тоа и се случи.
Без визија за изградба на демократски институции кои би нѐ штителе од узурпатори на власта, без желба да се обединат околу елементарните демократски правила, политичките партии, не ретко, како разбојнички групи тргнаа во освојување на власта за да се подмират себеси и својата интелектуална логистика. Малку кој мислеше на народот и државата.
Но, без демократски правила на кои се работи, дојде до еден вид војна за опстанок на секој против секого. Во таа борба најдобро поминаа оние во политиката и оние во интелектуалната сфера кои ги оправдуваа постапките на политичарите, главно од општествените науки. Најдобрите од мојата генерација, оние што се запишуваа не на Правен туку на Електро-технички, Машински или сродни факултети остануваа без егзистенција со затварањето на фабриките во кои беа раководен стручен кадар.
Без јасна визија за нужноста од градење на демократските институции и без желба да се обединат околу базичните постулати на демократскиот систем, политичките партии јурнаа во борба за освојување на власта. Така, во тој сеопшт хаос и турканица, политичката и интелектуалната елита се стекнаа со огромна предност пред обичниот работник: тие, имено, располагаа со послугите на власта. Но не демократска власт ставена под контрола, туку во форма на гола сила да се прави она што се сака без отчетност.
Тоа предизвика натамошни поделби во општеството и омраза и гадење кај народот од самиот политички чин, нешто без што нема модерна држава. Зашто, политиката на една земја не се исцрпува со циклични промени на политички елити преку избори преку кои тие, нивните семејства и нивната интелектуална логистика си ги задоволуваат своите материјални потреби на начин несвојствен за демократски системи. Ако не се мисли на народот државата се доведува во состојба на стагнација и назадување.
Ете затоа триесет години злоупотреба на демократија како лансирна рампа за политички функции не го донесе очекуваниот просперитет, а нашата држава остана на ниво на економски развој од деведесеттите.
Кога државата ќе се доведе на тоа дереџе, снемува ресурси со кои политичката елита и нејзината интелектуална логистика си ги задоволуваа своите потреби, па нивните потомци, се приморани да почнат да ја делат судбината на осиромашениот народ. Во таква ситуација сме сега: нема веќе од каде да се зема. Најлесно е да се земе од оние што натрупале богатство не согласно протестантската логика, од денар да направиш два, туку согласно коруптивната пракса во нашата држава и среќната околност, со рушењето на претходниот систем, в раце да им паднат богатства.
Во оваа страшна ситуација во која што се наоѓаме, оние кои решиле да се нафатат со управување со нашата држава се или ангели или ѓаволи, напишав еднаш. Да гледаш како прават сите, да можеш и ти а да не го правиш загрозувајќи ја и благосостојбата на најблиските во името на општото добро, е аскетизам кој ретко се среќава било каде во светот. Во Македонија, пак, искушенијата се толку големи што американското правилото дека секој кому му е доверена некаква моќ е потенцијален крадец кај нас треба да гласи: е крадец! Сите на кои им е доверена моќ се крадци, е безбедната појдовна позиција.
Партиите имаат шанса да се обединат и да спасат што може да се спаси. Но, ако сите се крадци и потенцијални измамници, значи излез нема туку само повеќе од истото. Излез има во обединување околу правилата на демократијата и отчетноста. Но, овие назабени млади луѓе од опозицијата сакаат да ја продолжат старата игра која гарантира дека, на крајот, и да дојдат на власт и да продолжат да владеат со истите методи, и ним некој ќе им ги искршат забите. Зарем мора нашиот пат до пристојното општество да оди преку кршење на глави и кршење на заби.
Да, дотаму ја дотеравме работата: во изминативе три децении, партиите, преку системот „услуга за услуга“ а не оној на правната држава, изедоа сѐ и сега почнаа да се јадат меѓу себе. Тој политички канибализам ќе престане само тогаш кога партиите ќе одлучат демократијата и правната државата ја направат „единствената игра во градот“. За да се воспостави таков систем нужна е и соработка меѓу партиите, а не константен конфликт. Полесно е да се прогласи постоење на некаков октопод на кој се повикуваат ВМРО-ДПМНЕ денес и СДСМ вчера, кој само ако граѓаните ја изберат на наредните избори, партијата ќе го отстрани од здравото тело на државата. Не, општеството е болно од политичкиот канибализам на партиите.
Извор: Инбокс 7