Политички водвиљ во калта на корупцијата

Упорноста во прва рака да се заговараат мерки за воведување посилни антикоруптивни закони се во добар дел и проблематични бидејќи ги следи несфатливо слабата ефикасност на државните органи за борба против корупцијата, а што меѓу граѓаните само ги засилува сфаќањата дека корупцијата всушност е нерешлив проблем – сите се исти, без разлика кој ќе дојде на власт.

733

Власта корумпира, а апсолутна власт корумпира апсолутно – констатирал англискиот политичар и историчар Лорд Актон. Оваа неспорна вистина има длабоки историски корени. Токму затоа и свеста околу изборот на инструментите и методите кои денес се заговараат во борбата против големото зло – корупцијата, се темели пред сè врз претпоставката дека не треба да се дозволи концентрација на власта во рацете на само една група или институција, доколку се сака и поефикасно повикување на одговорност.

Македонија кога станува збор за развојот и унапредувањето на политичката култура, за распределбата на власта и политичката моќ, и нивното ставање во функција на механизми на контрола, и понатаму не успева да исплива под матните води на транзицијата. Рекетарската мизерија ја разбранува јавноста со мотивите на веќе познатиот политички водвиљ што се одвива како лов во матно, со крајно сомнителен избор на средства во борбата за гола власт.

Корупцијата денес е глобално зло, иако границите до кои се размавнуваат злоупотребите на власта драстично се разликуваат меѓу земјите во светот. Но меѓу неспорните вистини врзани за појавата и напорите за искоренување на коруптивното однесување, се и сознанијата, базирани врз сеопфатни истражувања во светски рамки, кои покажуваат дека населението во земји со висока корупција имаат значајно пократок животен век, пониско образование и мошне полош пристап до базичните ресурси како здравство, електрицитет и чиста вода, отколку што е тоа случај во земјите во кои борбата за ставање на корупцијата под контрола се одвива пожестоко и континуирано.

Високата крупција е присутна пред сѐ во земјите во кои политичарите располагаат со премногу власт. А токму тоа е и еден од главните фактори што ја отапуваат острицата на антикорупциската борба – неподготвеноста да се ограничи моќта на политичарите – и на партиите. Во земјите кои се постојано на врвот на рангирањата според забележителни постигнувања во оваа област, какви што се Финска и Шведска, секоја постизборна промена на власта се одвива според основниот принцип – моќта на политичарите мора да се ограничи.

Таквите заложби најдобро доаѓаат до иазраз преку забраната да се практикува т.н. „министерски режим“, што значи дека министрите во извршувањето на својата функција се ограничени со тоа што не можат детално да управуваат со делот од државната администрација што им е подредена.

Во голем број други земји, меѓу кои Македонија е секако добар пример во овој контекст, „министерскиот режим“ е секојдневна практика, така што одделни политичари донесуваат одлуки за сè и сешто, од големи јавни набавки па до доделување на универзитетски стипендии. Резултатите на таквата неограничена моќ доволно јасно зборуваат за ниската доверба и негативните критики на кои со децении наназад е изложен квалитетот на државната управа во Македонија.

Кога политичарите имаат моќ решавачки да влијаат на одделни прашања и предмети, се отежнува борбата против корупцијата. Од една страна се зголемуваат ризиците нивните лични интереси да влијаат на донесувањето на одлуката, а што неретко завршува и во сивата зона на криминални дејанија. Едновремено, од друга страна, значајно се смалува можноста да се бара одговорност од администрацијата со самото тоа што политичарите не само што ги одредиле насоките на политиката, туку директно учествувале и во нивната реализација.

Во рамки на ЕУ најмногу поддршка во оваа област добиваат предлозите за зајакнување на анти-коруптивните закони и етаблирање на независни државни органи за спречување на корупцијата. Јоханес Хан како еврокомесар, во својата реакција во врска со случајот „Рекет“ тоа го изразува преку пораката дека „борбата против корупцијата на високо ниво мора да се одвива непрекинато… и дека не може да има неказнивост“.

Всушност, се смета дека преку заложби за јакнење на регулативата и надзорот врз политичарите и администрацијата се зголемуваат шансите за откривање и навремено казнување на коруптивното однесување. Но меѓународните истражувања, меѓу кои и еден голем повеќегодишен истражувачки проект при шведскиот универзитет во Гетеборг, покажуваат поинакви гледишта во однос на оваа проблематика.

Дилемата што се наметнува произлегува од сознанието дека токму високопозиционираните државни орагни за спречување и борба против корупцијата во земји со висока корупција, по извесно време од нивното функционирање и самите се пополнуваат со вработени кои се корумпирани, или пак со силни заложби на партиите им се ограничува моќта и буџетските средства за работа. Македонија несомнено може да се издвои како мошне добар пример во однос на овие меѓународно потврдени искуства.

Звучи парадокслано, но факт е дека денес најкорумпираните земји имаат и најсилно анти-корупциско законодавтсво. Но реалноста е таква што истите тие закони кон појавите на корупција и криминал се применуваат со отапена острица. Во земји во кои драстично се отстапува од формалните правила, станува доминантна норма дека шансите се мали одделни политичари и чиновници да дејствуваат со свест на полицајци.

Тој проблем често се споредува со нешто што се нарекува социјална дилема. Бидејќи иако е сосема јасно дека корупцијата е големо зло, се смета дека би било премногу скапо за подинци да се спротивстават на такво однесување сè додека веруваат оти мнозинството сепак ќе продолжи со коруптивна практика.

Во таа смисла, упорноста во прва рака да се заговараат мерки за воведување посилни антикоруптивни закони се во добар дел и проблематични бидејќи ги следи несфатливо слабата ефикасност на државните органи за борба против корупцијата, а што меѓу граѓаните само ги засилува сфаќањата дека корупцијата всушност е нерешлив проблем – сите се исти, без разлика кој ќе дојде на власт.

Затоа актуелниот македонски политички водвиљ, кој се повторува веќе од поодамна, заглавен во калта на корупцијата, бара порешителен исчекор што ќе претстави дејствие што се движи на многу посигурен терен, а не како замаглена преспектива низ која граѓаните постојано иднината на својата држава ќе ја доживуваат со – трагични предвидувања.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...