Политико: Лидерите на ЕУ лути поради противењето на Макрон за старт на преговорите

Сепак, според Политико, некои аналитичари сметаат дека ова прашање би можело да се најде на агендата на следниот редовен Самит на ЕУ во декември, идеја што ја подржува и идниот претседател на Европскиот совет и актуелен белгиски премиер Шарл Мишел.Но, смета порталот, тоа би можело да биде прерано за да се очекува реална перспектива за каква било промена во францускиот став.

226

Противењето на францускиот претседател Емануел Макрон за почеток на пристапните преговори со Македонија и Албанија ги разлути лидерите на ЕУ, оценува бриселскиот портал Политико во својот осврт на вчера завршениот Европски совет.

Порталот посочува дека некои лидери на ЕУ се обидувале да ги убедат другите да се согласат на старт на преговорите за членство со двете балкански држави, наведувајќи аргументи кои се движеле од стратешката важност на регионот, па до напредокот на кандидатите во решавањето спорови и воспоставувањето на правната држава.

Тие предупредуваа дека одбивањето на почетокот на преговарачкиот процес со двете земји ќе го наруши кредибилитетот на ЕУ и дека од таквата состојба полза ќе имаат „ривалските сили на Балканот“, како Кина, Русија, Турција и Саудиска Арабија, наведува Политико.

– Ваквиот исход беше особено негативен за Македонија, на која уште пред 10 години Европската комисија и ја даде првата препорака за преговори за членство. Со години европскиот пат на земјата, која се нарекуваше Македонија, беше блокиран од Грција, која тврдеше дека нејзиното име имплицира неоправдани претензии кон грчката територија и културно наследство. Откако во Скопје на власт дојде новата влада, земјата постигна договор со Атина, кој опфаќаше и промена на името. Но, со конечно надминување на грчките приговори, земјата сега наиде на блокада од друга земја членка – Франција, се додава во анализата.

Политко тврди дека Германија, која била меѓу 25-те земји членки кои биле за започнување преговори за членство и со Македонија и со Албанија, се обидела, но не успеала да ја убеди Франција да се предомисли.

– На крајот, единствената работа за која лидерите можеа едногласно да се договорат за ова прашање беше една реченица: „Европскиот совет ќе се наврати на прашањето за проширување пред самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020 година“, наведува порталот.

Сепак, според Политико, некои аналитичари сметаат дека ова прашање би можело да се најде на агендата на следниот редовен Самит на ЕУ во декември, идеја што ја подржува и идниот претседател на Европскиот совет и актуелен белгиски премиер Шарл Мишел.

Но, смета порталот, тоа би можело да биде прерано за да се очекува реална перспектива за каква било промена во францускиот став.

– Некои дипломати велат дека голем дел од отпорот на Макрон е поврзан со стравувањата дека темата би можела да ја искористи екстремната десница и тие очекуваат позицијата на Франција да омекне по локалните избори во март следната година, се додава во текстот.

Политико на крајот пренесува став на дипломат кој оценува дека ако Франција остане на сегашната позиција, Македонија и Албанија „би можеле да станат Швајцарија и натаму да не добијат зелено светло за старт на преговорите.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...