Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе обвинение против три лица кои во март и јули 2018 година силуваа дете и го тераа на проституција. За кривичните дела кои ги сториле, тројцата обвинети може да добијат затворска казна од најмалку 12 години. Обвинителството бара и продолжување на мерката притвор за тројцата.
Според соопштението од обвинителството, првообвинетиот се товари за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ од член 188 став 1 од Кривичниот законик.
„Обвинетиот во март 2018 година управувајќи возило го сретнал детето и на сила го внел во возилото. Потоа го однел на запуштено место каде извршил обљуба врз детето, на кое по стореното дело му дал паричен надоместок“.
Против второобвинетиот се поднесени две обвиненија: сторено продолжено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ и „посредување во вршење проституција“.
„Второобвинетиот во јули 2018 година му понудил пари на детето, по што извршил обљуба во неговата семејна куќа. Во текот на следните месеци второобвинетиот го наведувал и поттикнувал детето да остварува контакти преку социјалните мрежи со цел остварување на сексуални односи со други лица, а за тоа барал детето да наплатува и да го известува“, се наведува во соопштението.
Третообвинетиот пак се гони за продолжено вршење на кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“ бидејќи извршил обљуба врз детето повеќепати, искористувајќи ист траен однос и иста прилика.