Еве колку ќе треба да плати сопственикот на куќата во скопско Лисиче за расчистување на дивата депонија во неговиот двор на улицата Блажо Орландиќ, од чиј двор вчера почнаа да се изнесуваат десетици кубни метри отпад.
1.080 денари чини расчистување на еден метар кубен напуштен отпад од ЈПП – диви депонии, градежен шут и кабаст отпад, според Ценовникот за дополнителни услуги на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје, од 2014 година.
Според овој Ценовник, изнесување на кабаст отпад со двајца вработени во една тура чини 1.650 денари.
Изнајмување специјално возило за изнесување отпад од 12 до 20 метри кубни со тројца работници чини 4.200 денари за еден час, додека изнајмување кипер за изнесување отпад од 8 до 10 метри кубни чини 2.000 денари од час.
На овие суми се додава и ангажирање равботник за собирање комунален отпад, што изнесува 400 денари од час, а ангажман на возач на средно товарно возило се плаќа по 420 денари од час.
Акцијата на „Комунална хигиена“ за расчистување на депонијата во дворот во Лисиче каде се натрупани десетици метри кубни смет почна вчера, по пријава од комунална инспекција на Град Скопје, а ќе продолжи и во наредните денови.
Во акцијата учествуваат 10 вработени со 3 возила, па сопственикот на оваа депонија ќе си пресмета колку треба да плати.
Според нашите математики, расчистувањето на сметот ќе чини најмалку две илјади евра, а можеби и повеќе.
– Екипите на ЈП „Комунална хигиена“ вчера спроведоа голема акција за чистење дива депонија која беше на приватна површина. Цената која ќе ја плати сопственикот е согласно Ценовникот за дополнителни услуги кои ги врши ЈП „Комунална хигиена“, а нејзината висина зависи од видот на смет, лица и механизација кои се користат, како и количината на смет – одговорија од Град Скопје, но оттаму не прецизираа дали е веќе поднесена прекршочна пријава спрема лицата кои трупаат смет во дворовите.