Покајник за 27 април: И да гори, веќе нема нигде да влезам

Завршните зборови за седуммината обвинети за насилството врз Села судијката ги закажа за 2 и 5 јули.

3397

Во среда ќе падне првата пресуда во случајот кој се однесува на обидот за убиство на Зијадин Села на 27 април лани. Пресудата ќе биде за двајцата обвинети Цео Ѓорѓиевски и Стојан Павлески за кои се раздвои постапката откако обвинителство на минатото рочиште го прекфаливикува делото од обид за убиство во насилство.

Двајцата денеска пред судот рекоа дека се каат и немале намера да повредат никого.

– Јас се појакав што влегов и не сакав никого да повредам – рече обвинетиот за насилство Цео Ѓорѓиевски во неговите завршни зборови.

Слично кажа и Стојан Павлески кој рече оти имал време овие осум месеци во притвор да размисли што направил.

– Се каам, моето влегување не беше со намера некого да повредам ниту пак имав таква намисла. Можам да кажам дека никогаш и во ниеден момент не би го направил истото што го направив тогаш – рече Павлески.

Тој пред медиумите надвор од судот, пак, кажа дека и да гори веќе нема да влезе никаде.

Нивните адвокати во завршните зборови со оглед што обвинетите признаа вина, се осврнаа само на олеснителните околности и побараа условна, а не затворска казна. Адвокатот на Ѓорѓиевски, Дончо Наков, ги наведе здравствената и социјалната состојба, како и неосудуваноста.

Адвокатката на Стојан Павлески наведе дека тој поради притворот повеќе не е вработен, а е единствениот што го издржува семејството.

– Живее со мајка која е во поодминати години и болна, самохран родител е, мајката на детето ги напуштила и од тогаш не се ни знае каде е, така што обвинетиот е тој кој се грижи за семејството и посебно за малолетното дете на 15-годишна возраст кое се наоѓа во пубертет – рече адвокатката.

Ѓорѓиевски и Павлески, како што наведе обвинителот, по промената на обвинението се обвинети за насилство не само кон Села, туку воопшто кон пратениците во прес салата на 27 април од моментот на влегување до моментот на извлекување на Села од аголот каде стоеше со останатите пратеници. Во овој случај еден обвинет, Сашо Сенков, беше ослободен од обвинение бидејќи за него немаше докази. За другите седуммина обвинителството остана на истото кривично дело – обид за убиство.

Поради денешните признанија на вина и одвојување на постапката, завршните зборови за седуммината судијката ги закажа за 2 и 5 јули.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...