Шумскиот пожар кој избувна изутринава околу 10 часот на непристапен терен над скопското селото Буковиќ, меѓу селата Буковиќ, Раовиќ и Ласкарци вечерва е ставен под котрола.
Заменик-командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје Звонко Томески за МИА информира дека нивните екипи се повлечени од теренот и дека во делот кон селата Буковиќ и Раовиќ нема можност за ширење на пожарот.
– Остануваат уште неколку точки каде има активно горење, но нема опасност за населените места. На терен ќе имаме дежурна екипа која ќе ја следи ситуацијата, а утре во раните утрински часови ќе се направи догаснување – рече Томески.
Пожарот избувна утринава околу 10 часот на непристапен терен над скопското селото Буковиќ, меѓу селата Буковиќ, Раовиќ и Ласкарци. Опожарена беше дабова и деградирана шума. Во гаснењето на пожарот што беше отежнато поради непристапниот терен и ветрот, беа вклучени три противпожарни возила, неколку вработени во ЈП „Национални шуми“, а беше вклучено и месното население.