Пожарот на планината Готен кај Радовиш кој вчера се прошири кон акумулацијата „Турија“ е ставен под контрола по интервенцијата на армиски хеликоптер, кој синоќа до 19 часот учествувал во гаснењето.
– Пожарот е заобиколен од сите страни и е ставен под контрола, посебно над поранешното село Кушкулија. Се надеваме дека нема да дојде до ново проширување – изјави Никола Ристов од шумското стопанство „Беласица“ од Струмица.
Пожарот е активен дваесетина денови и досега е зафатена површина од над 300 хектари претежно со деградирана шума.
Локализиран е и пожарот што вчера попладне го зафати атарот на селата Мачево, Будинарци и Владимирово.
Раководителот на подружницата „Малешево“ на „Македонски шуми“, Владо Клинчарски изјави дека пожарот е изгаснат околу еден часот по полноќ.
– Во пожарот кај месноста „Габеро“ опожарени се 15-16 хектари шумско земјиште со зафатени поединечни шумски стебла од млад црн бор и смрека, како и необработливи пасишта со стара трева. Иако во близината на пожарот имаше колиби, за среќа нема жртви и материјална штета, бидејќи не се дозволи тој да се приближи до објектите – изјави Клинчарски.
Во гаснењето на пожарот се вклучило и месното население од Мачево, Владимирово и Будинарци, како и припадници на МВР и Противпожарната бригада од Берово.
Екипи на „Македонски шуми“ – подружница Малешево утрово по направената обиколка на теренот констатирале дека пожарот е целосно изгаснат и дека нема опасност од негово повторно појавување.