МВР и Обвинителството и денеска ги истражуваат причините поради кои пред два дена избувна огнот во Министерството за правда, а се води истрага и за тоа какви документи изгореа во пожарот во трите канцеларии каде што е сместена архивата , секторот за меѓународна правна помош, финансии и сметководството.
Објектот на Министерството за правда е затворен во овие два дена, пристап имаат само истражителите. Сите вработени се пуштени дома поради увидот и чистењето на црнилата во опожарените простории, а како што вели за Плусинфо, портпаролот Бесим Шаќири, најверојатно утре ќе се вратат на работа.
Засега додека трае увидот нема потврда на информациите што ги објави Телма, дека изгореле документи за постапките што се водат, а се однесуваат на екстрадицијата на бегалците Горан Грујевски, поранешниот началник на Петтата управа и Никола Бошковски, поранешен вработен во УБК кои се во притвор во Грција, а се обвинети за нелегално прислушување во случајот на СЈО „Тврдина“.
Сепак, во Министерството за правда смируваат дека и да се уништени пишаните документи за екстрадициската постапка, тие се чуваат и во електронска форма во компјутерскиот систем.