Подобро ужасна ЕУ, отколку ужас без ЕУ

561

Веќе е сосема јасно дека во Европа е раширен нов политички пејзаж. Сè поизразени реакционерни сили освојуваат терен за дејствување. Веруваат повеќе во изолација отколку соработка, подготвени се пред сè на блокади отколку на компромиси, сметајќи дека постојат мошне лесни решенија за комплексни проблеми. Тоа мошне јасно и недвосмислено го покажува упорноста во одбивањето на одделени земји-членки да прифатат заедничка азилантска политика со поделена одговорност.

„Со некои лидери немаме исти интереси“, изјави деновиве по ЕУ-самитот шведскиот премиер Стефан Ловен, чија земја во поседните години, заедно со Германија, го понесе најголемиот товар од мигрантската криза. Но, тоа придонесе десничарско-популистичката партија Шведски демократи да доживее вистински политички Елдорадо, и, според сите релевантни сондажи, во пресрет на шведските парламентарни избори во септември освојува над дваесет проценти од избирачките симпатии, дишејќи им во вратот на социјалдемократите на Ловен, од чиј намален рејтинг сега ги делат само неколку проценти од избирачките гласови. На претходните избори пред четири години таа разлика изнесуваше околу 18 проценти во полза на социјалдемократите.

Политичкиот амбиент се менува драматично, најмногу поради прашањето на илегалните мигранти. Во сенката на штотуку одржаниот самиот на европските лидери во Брисел, се најавува формирање на популистичка алијанса против ЕУ. Италијанскиот министер за внатрешни работи Матео Салвини најавува дека сака да ги собере ЕУ-скептиците под чадорот на заедничка алијанса во пресрет на изборите за Европскиот парламент во мај идната година. Салвини тоа го објаснува како „определба за обединување на Европа“, за поврзување, според неговите зборови, на „сите движења за слобода и самостојност што сакаат да ги бранат своите народи и своите граници“. Критиките во медиумите, дека сака да создаде интернационална алијанса на популисти, непријателски настроена кон ЕУ, по се изгледа ни најмалку не го загрижуваат. „Тоа го доживувам како комплимент“, вели Салвини. Уште од порано неговата радикално десна, антимигрантската партија Лега остварува блиска соработка со францускиот Национален фронт на Мари Лепен, со германската Алтернатива за Германија, со австриската владина партија ФПО и со холандската ПВВ на чело со Герт Вилдерс.

Доминантните оценки дека ЕУ-самитот резултираше со крајно лоша политика, со гигантски разлики во мислењата и ставовите и голем хуманистички пораз, всушност ја покажува вистинската перспектива што се надвиснува над европскиот политички пејсаж. Баук кружи низ Европа – баукот на национализмот. По 14 часови преговори ЕУ-лидерите главно можеа само да се согласат околу заедничка изјава дека ќе се зголемат контролите на надворешните граници на Унијата.

Ангела Меркел деновиве во Бундестагот рече дека миграциското прашање, кое може да ја реши судбината на Европа, е всушност недвосмислено поврзано со европските вредности. Иако не истакна директно, од нејзините пораки лесно можеше да се сфати дека национализмот и расизмот се на пат да бидат нормализирани на штета на хуманизмот и пристојноста. Заканата се наоѓа во непосредна близина.

Но, дали заправо може да се зборува за некои победници кои високо јаваат на брановите на национализмот? Тоа се веројатно само силите што се борат за нормализирање на расизмот и негирање на човечките права, какво што несомнено е и правото на азил. Под елегантните костуми на европските националистички лидери, како што беше забележано во една анализа, се шири нечиста вегетација од омраза и насилство.

Меркел се спротивставува на барањето на германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој, поради недостиг на политичка волја да се постигне солидарно решение за распределба, инсистира бегалците што се регистрирани во друга земја веднаш да бидат вратени од германските граници. Тоа би го поткопало нејзиниот авторитет, а и други европски земји веднаш би ги затвориле своите граници. Но што доколку ЦСУ на Зехофер сепак реши да ја напушти владината коалиција. Резултатот би бил нови избори, крај на кариерата на Меркел и можеби почеток на крајот на ЕУ. Прашање е само дали Зехофер ќе се осмели да направи таков чекор. Наместо тоа сега се најавува можност за создавање транзинтни центри во Германија со цел мигранти да бидат враќани назад во земјите во кои претходно биле регистрирани.

На европската политичка сцена значајна тежина и понатаму имаат големите политички играчи, кои не се откажуваат лесно од натамошното унапредување на проектот заеднички европски дом. „Колку повеќе постигнуваме меѓусебна согласност, дотолку повеќе доаѓаме до европско решение“, рече францускиот претседател Макрон, коментирајќи ги развлечените и напорни преговори на самитот во Брисел.

Тешко е да се очекува дека големите етаблирани партии во западноевропските земји лесно ќе се помират со губењето на сопствените позиции пред налетот на десничарските популисти, чии заложби во основа се насочени против сето она што претставува јадро во модерниот либерализам – еднаква вредност на луѓето, индивидуалните слободи и права, знаење, разумни политики и позитивен поглед на развојот. Алтернативата што би значела будење на сеништата на историските трауми и враќање кон колективните трагедии, страдања и уништувања, за мнозинството граѓани на ЕУ е сепак неприфатлива. Во таа смисла, идејата за слободно движење на стоки, услуги, луѓе и капитал во рамките на ЕУ сè уште високо се вреднува. Како и натамошното проширување на Унијата, во чија композиција и местото на Македонија е сè поизгледно и посигурно. Охрабрува секако и определбата на актуелното австриско претседателство да се заложи за стабилизација на блиските подрачја и натамошно доблчижување на Западен Балкан кон ЕУ.

Подобро ужасна ЕУ, отколку (нов и непредвидлив) ужас – без ЕУ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...