Екстремистичките групи од реонот на Танушевци се крајно загрижени по именувањето на господинот командант за советник на премиерот за безбедност и радикализам. Ќе мораме, ми рекоа во доверливиот телефонски разговор, да омекнеме или да удриме од правецот на Кајмакчалан, терен на кој Хоџа нема набрано ниту сто грама печурки, а според информациите што можат да се добијат во разузнавачката размена на интернет, нема изедено ниту едно кајмакчаланско јагне.
Тоа, господине Тричковски, ми рече советникот за македонска питомост на политичкиот комесар на екстремистичката група, рапидно ќе ги зголеми трошоците на нашата антимакедонска активност.
А, јебига, му реков.
А, јебига, ми рече тој, но тоа некој ќе мора да го плати.
Кој, кој, брзав да го прашам, но уште пред да го формулирам прашањето, комесарот ми рече:
Македонскиот народ, господине Тричко, македонскиот народ, повтори и ми ја спушти слушалката.
Освен загриженоста на екстремистичките групи во реонот на Танушевци, убав впечаток ми остави и загриженоста на американската амбасада по именувањето на командантот Хоџа. Затоа што и јавноста и таканаречената политичка елита во Горна Македонија, обожаваат да се бањаат во американската политичка када секогаш кога ќе пуштат жолто на гаќите. Соопштението на Американците во врска со новите функции на Хоџа и Бошковски, покажува дека полето на македонската автономија на глупоста е неограничено.
Министер може, советник не
Се разбира, ние знаеме дека Бејли е еден фин господин кој за двајцата мускетари на Заев има административно покритие, односно за другите кадети на советничката академија на македонскиот премиер не се изјаснува само затоа што нема административна обврзница од Стејт департментот.
Ние, пак, немаме такви скрупули за да кажеме дека премиерот ждрапа во зоната на злоупотребата на службените овластувања и на кривичната одговорност со постојаното проширување на моторизираната дивизија на советници за г’з папири, квантни механики и учкури. Тука не станува збор само за законско, но неосновано вработување и арчење на општите ресурси за куротресини кои на простата маса и се покажуваат како менаџирање со општите работи, туку и за уривање на тоа што се вика магија на владата, елемент од кој е изградена нејзината суштина, за замочување на минималниот респект, на строгоста и дистанцата, за претворање на владата во столб за мочање на маалските кучиња. Еве, јас како позната џукела, дадов да се објави следната содржина: советник општа пракса бара премиер за трајна врска, можно и вработување на неопределено време, само сериозни понуди, п.ф. 6666 Тану Шева Ц.
Јас тука не ја проблематизирам позицијата на новиот советник од аспект на тоа што тој бил командант на ОНА. Не, и Али Ахмети беше командант. Тие се покажаа, заедно со своите сојузници, се разбира, доволно моќни за да ја трансформираат својата оружена моќ во политички капитал и тука расправата мора да заврши, по таа линија Хоџа може да биде и министер за одбрана, но не може да биде советник на премиерот затоа што децата нема што да му јадат, за тоа има други решенија или затоа што, можеби, може да се јават екстремистички групи во неговиот реон. Тоа образложение фрла екстремистичка нота врз Албанците, работа на која, очигледно, недоволно се мисли кога се даваат одредени изјави.
Третата загриженост, меѓутоа, ме загрижи.
Државен терор
Тулин Еркал Кара, амбасадорка на Турскиот султанат во Република Горна Македонија, вака приповедаше во Скопје:
„Апелирам до сите вас и до јавноста, дојдете, сите заедно, нашите деца да ги регистрираме во училиштата на Фондацијата ‘Мариф’. Доколку ние како родители не сакаме нашите деца во иднина да бидат терористи, треба да ги насочиме во училиштата на ‘Мариф’, бидејќи ‘Јахја Кемал’ не нè претставува нас. Дојдете да се бориме против оваа терористичка организација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“.
На времето, ја обожавав Рафаела Кара. Не знам дали оваа Тулин ѝ е некаков род, хахаха, но веднаш ќе кажам, не ја сакам. Жената може да си биде ердоганистка колку сака, но во моментот кога си зема слобода на така груб и непримерен начин да ги пласира лудите концепти на својот султан преку децата во нашата слатка татковина, преку нејзиниот образовен систем и преку последните остатоци од сувереноста, таа за мене престана да биде и жена и дипломатка, амбасадорка-да, на тоа што јас го викам државен терор.
Република Горна Македонија, по повод овој скандал, нема да преземе ништо.
Дали е тоа нормално!?
Нормално е затоа што државата во меѓувреме е ангажирана во изнаоѓање достоинствено решение за името во ситуација кога самото решение е врвен израз на најстрогото достоинство, со други зборови се арчи во најтешката бесмисла, односно нема капацитети за други достоинства.
И, конечно, неделава што изминува, ме тресна и загриженоста на мојот пријател, Југослав Петровски по повод конституирањето на новото претседателство на Друштвото на писателите на Македонија. Тој има свои резони, но моите резони велат дека новото шефовство во Дуќанот на бесмислата мораше да се конституира затоа што претходното раководство ја искористи квотата на својата смисла, односно, по сто шеесет и осми пат си ги беа доделиле сите награди, а во статутут стои дека не смеат да си ги доделат по сто шеесет и деветти пат.
Тоа што во новото претседателство се чисти безвезњаци е израз на континуитетот на оваа особено глупава организација. И трето, поинаков состав на претседателството не е можен затоа што во Македонија нема повеќе од тројца писатели кои не се безвезњаци во книжевна смисла. Така било низ целата наша историја, никогаш не сме имале повеќе од тројца достојни на името писател. Без радикална ревизија на македонската книжевна историја, нема ништо, ни Друштво, ни Претседателство, ни Писателство, ни Култура, ни Општество, ни Нација, ни Држава!
Објавено во „Слободен печат“