Славната максима од насловот е на Грунф, членот на тајната и неверојатно смешна организација за борба против злото во светот, која веќе половина век ја следиме преку стрипчињата за авантурите на Алан Форд. Овој од урнебесен и необјасниво привлечен инфантилен хумор, од ден за ден сè повеќе станува прецизниот опис на нивото на свеста, мислата и стилот на политичкиот говор во сè повеќе земји во светот, а за најстарата од сите нив – Македоња Мракобесна – тој е веќе децениски закон.
Што беше, и што е сè уште толку смешно во аланфордовските максими, кои како да пермутираат општи места, во хумор со сè уште неодгатната формула, не би се осмелил да кажам. Тоа спонтано течење на откачени инфантилни тавтологии, што успеаја да создадат една посебна плеонастичка поетика – да се изразам едноставно и разбирливо – за мене е и ден-денес извор на смеа, но и почит кон појава што нема лесно и рационално објаснување. Како и да е, никој не можеше ниту да сонува дека тој откачен и чудесен хумор денес ќе ја дефинира политичката реалност, се разбира, губејќи 100 отсто од својот дух и ведрина, проџвакан низ устите и праксата на македонските државотворни актери, претворајќи се во глупава и заморно банална стварност.
Плиткоумен перформанс
Дека е подобро да испаднеш будала отколку од воз (во движење, се разбира), е единствениот принцип што го водеше македонскиот шеф на државата, во донесувањето на сите негови политички одлуки, додека цели два мандата ја претвораше институцијата на претседател на државата, првин во извор на политичка нестабилност и неуставност, потоа во патологија на малоумност и гротеска што ќе ја срами нацијата уште долго, долго време, за на крајот да ја претвори во Ништо.
Се разбира, возот од кој се плашеше да испадне целото време од своето „шефување“, за да најде мир во состојбата на тотална будала, за Хорхе Еступидо беше – вие веќе погодивте, нели – возот на македонската иднина, политичка стабилност и просперитет. Не е за чудење, затоа, туку повеќе е за жалење, што в зори на претседателските избори што се пред нас, политичките партии и пристоен дел од јавноста, веќе воопшто не знаат што треба да се направи за да се реставрира непостоечката институција на шефот на државата.
И, наместо да се замислиме што е навистина потребно за да се обнови оваа важна уставна функција на извршната власт – каква политичка акција треба да ѝ ја поврати изгубената смисла на претседателската институција, како и каква личност е неопходно да се замоли и да се мотивира да го заложи сопствениот животен, искуствен, вредносен и мисловен капитал, за да помогне во оваа невозможна мисија, ние повторно тонеме во плиткоумен перформанс воден од „плеонастичката поетика“ на аланфордовските јунаци, овој пат изговорена од шефот на тајната организација, таинствениот Број 1. Вели тој, длабокоумно: Ако сакаш да победиш, не смееш да загубиш.
Но, како што гледаме деновиве: сите институции на македонската држава се испразнети од државотворна смисла и каков и да е поредок, не само правен, туку буквално каков било разумен поредок. Врховниот суд истрча да нè потсети дека не само што цела деценија не ја врши својата уставна улога, туку дека сака сопствената празнотија да ја исполни со елементи од законодавната власт и, дури, да се игра малку и со улогата на Уставниот суд.
Ова судско преточување од шупливо во празно, не потсети дека македонската република повеќе години, во сосем помирливо и незаинтересирано психичко расположение, живее без Уставен суд, односно со гротескно глупава зграда на Уставниот суд, но без функционален Уставен суд, туку со цврсто мнозинство личности што парадираат во торжествените тоги на уставни судии, без да ги исполнуваат уставните критериуми за судии на Уставниот суд, и без способност да обезбедат и глумечки перформанс кој би убедил и мало дете дека во таа провинциска претстава има каква и да е уставноправна супстанција. Или, во аланфордовска парафраза: Проклетство, овој суд е празен како празен суд!
Темелни промени
Ако се завртиме налево и надесно, ќе забележиме дека практично нема ниту една институција – од сите три власти во државата, што успеала да ја задржи смислата на своето постоење, по повеќегодишното партизирање, криминализирање, демонтирање и декапацитирање, што систематски и секојдневно се вршеше за време на вмровската диктатура на глупоста. Ниту една, освен Специјалното јавно обвинителство, кое е оформено вон системот на контрола на вмрото, а и тоа, кутрото, тешко дише во непријателското опкружување што го чинат практично сите структури на прегломазниот бирократски апарат на државата. Прегломазен, но испразнет од смисла.
Испаѓа дека неверојатните успеси што ги постигнавме на планот на нашите меѓународни односи, со кои ги обезбедивме условите за долгорочна геополитичка стабилност, меѓународно признавање и гаранции за безбедност на нашата сувереност, унитарност и културна посебност; дека овие надворешни успеси на внатрешен план ни обезбедија мирен сон, пријатен заборав и безбедно и тивко слепило пред фактот дека цели година и половина од промената на власта, не сме успеале да смениме ниту една од системските карактеристики на „заробената држава“ на Груевски.
Не знам веќе дали вреди да се зборува или да се пишува за тоа, но за да обезбедиме вистински промени на подобро, треба да сфатиме дека метафората „заробена држава“ не смее да се сфати како нашата совршена држава да била заробена од мала партиско-мафијашка банда на Груевски и неговата вмро, а таа – кукла уплашена, седи деценија со врзани раце и трепка со очите во тивок очај!
Не, туку тоа беше и сè уште е системска деградација не само на институциите на државата, туку и на моралните и културните вредности на целото општество. Така што, како што велат аланфордовците: Ако сакаме темелни промени во општеството, треба да почнеме темелно да го менуваме општеството. Или, подобро: Ако сакаме темелни промени во државата, треба да ги менуваме темелите на државата!