Во изминатиот период, Општина Карпош инвестираше во подобра инфраструктура
и ги реконструираше дел од фудбалското игралиште во Бардовци, како и спортските
терени до игралиштето, се наведува во соопштението од Општината.
– Денеска, во знак на одбележување на верскиот празник Св. Троица, се одржа и
ревијален натпревар меѓу фудбалерите од ФК Лепенец, а тоа што радува е дека со
поддршка од Општината конечно се ресетираше и младинската школа на клубот.
Голем број на младинци денеска имаа можност да спортуваат, да го покажат својот талент за фудбал, а во активностите уживаа и жителите на Бардовци – се вели во соопштението.
На денешниот спортски настан присуствувал и градоначалникот Стефан Богоев, кој
уште во предизборието посочил дека силно ќе се заложи за ревитализација на спортскиот центар Лепенец, како и за формирање на младинската фудбалска школа.
– Со ставање акцент на младинските категории придонесуваме голем број на дечиња
од Бардовци да почнат да спортуваат и да се рекреираат. Токму на овој терен, за
време на предизборието разговаравме со граѓаните за заживување на ФК Лепенец
и целиот спортски центар, а денеска со организацијата на овој спортски настан
покажуваме дека сме опстојале на ветеното – рекол Богоев.
По завршувањето на фудбалскиот натпревар, учесниците и граѓаните имале можност за дружба, а најмладите уживале во фудбалската игра.