Деновиве, ме прашуваат зошто Цивил и моето име се една од главните преокупации со кои се будат и заспиваат (ако воопшто можат да заспијат) божемната левица во земјава и радикалните националисти (исти, исти, исти…). Одговорот е лесен. Таква е командата: Гори под нозете… Што се мора, не е тешко… И рубљите се конвертибилни… Амнестијата е невозможна ако владее правото… Удри по предавниците, аргументи не ви се потребни… Така рече шефот…
Но, Македонија и нејзините граѓанки и граѓани се променети. Нема веќе молк, ниту сведнати глави. Вредните набљудувачи, но и бројни граѓанки и граѓани не чекаа ни миг, туку веднаш почнаа да реагираат на говорот на омразата, заканите, уцените и подготовките за поткуп. Ние не чекавме ни миг, туку веднаш ги разобличивме нивните постапки, а тие добро знаат дека имаме и уште повеќе материјал. Мораат, кутрите, некако да се одбранат од вистината, за нивната лага да биде поубедлива, а нивната омраза погласна.
Пораките и идеите никогаш не им биле силна страна. Пораките им се грди и бесмислени, аргументите и идеите ги немаат. Но, затоа имаат план! А, нивниот план е да го оспорат референдумот. Без оглед на тоа колку ќе биде успешен референдумот, тие веќе сега имаат разработен план што ќе кажат и како ќе го нападнат резултатот од овој процес.
Можам да ја замислам лавината од клетви, пцости, лаги и клевети што ќе го придружуваат соопштението по референдумот на 30 септември. Можам да ја погодам содржината на тоа соопштение со сигурност од 102,3%, да се изразам во стилот на големиот калкулант Амди-гол-со-пета-Бајрам, не заборавајќи ни на совршената математичка прецизност на Мицко-немам-став-Такис.
Патувајќи низ Македонија, успеавме да влеземе во секоја пора од општеството и да ги откриеме сите валкани игри на структурите што до неодамна ја држеа земјата и „својот народ“ во заробеништво, но и сите тешки фелери на новите структури на власт. Ги фативме и старо-новите играчи на дело. Ги гледаме, исплашени и нервозни, десеткувани поради сончоглед ефектот. Сега и на најнаивните (и јас сум донекаде меѓу нив) им стана сосема очигледно дека имале исти газди од моментот кога се појавија во јавноста и божем мавтаа со знамињата на слободата.
Првиот чекор кон оспорувањето на референдумот е да се обидат да го девалвираат секој што им пречи. Затоа, започнаа хајка што наликува на онаа од времето кога Гоца Шлем (МВРО), антикорупциска комисија, УЈП и медиумската машинерија нѐ оцрнуваа, напаѓаа и малтретираа како знаат и умеат. Ако порано ги злоупотребуваа институциите и повеќето медиуми, сега се служат со подземна кампања, со социјалните мрежи и со медиумите што им се под контрола.
Партии напаѓаат невладини организации. Пакувањето е различно, моќта им е намалена, но принципот е ист. Тоа е позадината на нивната хистерична хајка, ништо друго. Мета им е референдумот.
Но, не запираат тука. Планот е комплексен и подмолен. Своите НВО приврзоци и спин-структури ги мобилизираат и ги инфилтрираат насекаде. Дел од тој план е да се акредитираат како набљудувачи на референдумот. Бојкотираат и не го признаваат референдумот, но затоа го набљудуваат и „ќе го бранат“ процесот од кражби.
Сигурно се сеќавате на слични организации и мрежи со измислени, поточно, само формално регистрирани организации во кои членуваа подмладокот и жените на МВРО што се акредитираа како набљудувачи. Целта порано им беше да ја одбранат изборната кражба. Е, сега се инфилтрираат во процесот со цел да го осуетат.
Лажните набљудувачи се бомба во изборниот процес. Нивните божемни набљудувачи ќе служат како закана за гласачите да излезат на гласање. Ќе го следат процесот и ќе дејствуваат против него. Ќе ги заплашуваат и манипулираат гласачите од внатре.
Потоа, сите заедно, ќе гракнат: Референдумот не е легитимен! Ете, затоа ја водат црната кампања против организации за човекови права и слободи, затоа плукаат по интелектуалците и активистите. Нечесно, од партиски позиции, со единствена цел: да зададат подмолен удар врз демократијата и граѓанското општество.
За задржување на пасош и лична карта нудат пари, се закануваат, лажат, манипулираат, уценуваат, пцујат и колнат…
Зошто? За името? Не.