Норвешката амбасада во Белград и Балканскиот фонд за демократија при Германскиот маршалов фонд (ГМФ-БТД) иницираа проект насловен „Зајакнување на европската интеграција во С. Македонија, Црна Гора и Србија“, чија цел е поддршка на евроинтеграцијата и реформските процеси во овие три западнобалкански земји.
Како што објави „Јуропиан Вестерн Балканс“ (ЕВБ), цел на проектот е да се поддржи граѓанскиот сектор во трите држави како двигател и промотор на спроведувањето реформи во рамките на евроинтеграциите процеси, со посебен акцент на владеењето на правото и економскиот развој.
Со проектот се предвидува поддршка за речиси една третина од областите што треба да се реформираат во рамки на процесот на преговори за зачленување во Европската Унија, како што се владеењето на правото и правосудството, создавањето на подрачје на правда, слобода и безбедност, како и реформи во постапките за јавни набавки, политиката на конкурентност, информатичкото општество и медиумите, енергијата, заштитата на животната средина, заедничката надворешна и безбедносна политика и финансиската контроли.